1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Vorwahl US-Präsidentschaft Superdienstag

Даниел Шешкевиц6 февруари 2008

Светот би требало да фрли повнимателен поглед кон воениот ветеран, оти лесно може да се случи токму тој догодина да се всели во Белата куќа, смета Даниел Шешкевиц, кој го коментира текот на предизборната кампања во САД.

https://p.dw.com/p/D3Qq
Клинтон, МекКејн, Обама - еден од нив ќе биде иден претседател на САДФотографија: AP
Светот фасциниран и со надеж ја следи предизборната кампања спроти претседателските избори во САД. Фасциниран од неизвесната и возбудлива трка меѓу Хилари Клинтон и Барак Обама за номинација за претседателски кандидат на американските демократи. Со надеж, оти и третиот од наијзгледните кандидати, Републиканецот Џон МекКејн ветува значително свртување од ерата на Џорџ Буш. По супер-вторникот од предизборната фаза, некогашната прва дама на Соединетите држави има лесна предност благодарение на добриот резултат во Калифорнија. Дуелот со Обама може да биде до крај неизвесен и и’ се заканува на Демократската партија да ја стави пред можен раскол. За Обама се младите и мнозинството од Афроамериканците, за Клинтон жените и се’ поважните доселеници од Латинска Америка.
Не е неможно и 44-от претседател на САД да биде Републиканец
МекКејн излезе како јасен победник од гласањето во повеќе од 20 американски сојузни држави. Светот би требало да обрне поголемо внимание на воениот ветеран, кој стартуваше како аутсајдер во предизборната борба. Оти, од многу причини не е неверојатно и 44-от претседател на САД повторно да биде Републиканец. МекКејн убедливо го остави зад себе на супер-вторникот конзервативниот мормон Мит Ромни и докажа дека може да поентира и во либералната Калифорнија. Кога двајца се караат, третиот користи - сосем е можно наредната година, тогаш 72-годишниот МекКејн да влезе во Белата куќа како најстар што ја преземал функцијата претседател на земјата. МекКејн, кој во виетнамската војна помина пет години како воен заробеник во затворите на Виетконг, би можел во ноември, кога ќе се избира идниот претседател, на многумина Американци да им се стори како помал ризик.
Адутите на МекКејн
Него не го разјадува сопствената амбициозност, како некогашната прва дама, тој е духовит, снаодлив и со долгогодишното надворешнополитичко искуство во секој случај попресметлив, отколку се’ уште младиот и во безбедносните прашања неискусен Обама. МекКејн е на добар глас како независен од актуелниот претседател Буш, како негов опонент кај толку важни прашања како водењето на војната во Ирак или дискусијата за заробеничкиот логор во Гвантанамо. Тој има либерален став во однос на прашањето за доселување, важно за Америка. Доверба спрема него повторно би искажале и разочараните сојузници на Америка. За прв пат по 20 години номинирањето на претседателски кандидати во САД се развлече во маратон. Ќе поминат недели, ако не и месеци, додека еден од демократските кандидати да обезбеди доволно делегати за да биде номиниран. Доволно време за Американците и остатокот од светот да се запознаат со Џон МекКејн.