1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двајца се караат, третиот користи

5 март 2008

Дали таков ќе биде конечниот исход на претседателските предизбори во САД? Кој демократски кандидат ќе настапи против сигурниот републикански Џон Меккејн: Хилари Клинтон или Барак Обама? Кристина Бергман коментира:

https://p.dw.com/p/DImm
Хилари Клинтон уште еднаш покажа дека е упорен борец. Но, дали е тоа доволно за конечна победа?Фотографија: AP

Хилари Клинтон уште еднаш покажа дека е борец. По третпат во трката за претседателската кандидатура обезбеди победи, иако експертите и новинарите веќе ја отпишаа. За тоа заслужува респект и оправдување да остане во трката. Сепак, не може да мине покрај фактот дека Барак Обама и натаму има предност во вкупниот број гласови и за да го мине потребни и се победи во сите претстојни предизбори. Токму тука е опасноста. Зашто таква предност не може да се достигне со воздржана изборна тактика. Додуша, медимуите се се’ покритични кон Обама и ги ставаат под прашалник неговите изјави, врски и минатото. Тоа на избирачите им дава можност да се замислат за личноста Барак Обама, но тоа не и’ е доволно на Хилари Клинтон. Ќе мора да мине на фронтален напад, како што покажа нејзиниот последен спот. Во него се поставува прашањето: кога ноќе во три ќе зазвони црвениот телефон во Белата куќа, кој би одговорил покомпетентно. Оваа тактика да се ловат гласови со правење паника, меѓутоа, не им доликува на демократите. Ваквите постапки кај републиканците во последниве години токму тие ги критикуваа - и со право.

Жестоката изборна битка меѓу Клинтон и Обама му ја олеснува работата на Џон Меккејн. Претседателскиот кандидат на републиканците може на мира да ја формира својата партија и да собира донации, додека неговите подоцнежни противници меѓусебно се слабеат. Оттаму, Хилари Клинтон ќе мора добро да размисли дали сака да го мине целиот пат, како што најави.

Годината 2008 во САД требаше, всушност, да биде година на демократите. Со бесконечната, огорчена изборна битка за претседателската кандидатура, Хилари Клинтон и Барак Обама оваа шанса ја ставаат на коцка. А, на прашањето кој од двјацата би требало да се откаже, има само еден одговор: оној што заостанува во бројот гласови.

Кристина Бергман