1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлускони две години не смее на јавни функции

СН/ЕМФ/ртр/мф/дпа/миа19 октомври 2013

Поранешниот италијански премиер во наредните две години не смее да извршува јавни функции, гласи денешната (19.09) пресуда на Апелацискиот суд во Милано. Судиите со тоа го одобрија барањето на јавното обвинителство.

https://p.dw.com/p/1A2Yl
Фотографија: Reuters

Апелацискиот суд во италијанскиот град Милано донесе одлука со која на поранешниот премиер и актуелен сенатор Силвио Берлускони му се забранува да извршува јавни функции во период од две години.

Ваквата одлука е донесена врз основа на пресудата со која Берлускони е прогласен за виновен поради даночни затајувања и измами. Берлускони на 1. август годинава беше правосилно осуден од страна на Врховниот касациски суд во Рим на четири години затвор под обвинение за големи финансиски измами во неговата медиумска група Медиасет. Притоа, затворската казна му беше автоматски намалена на една година поради законските одредби за помилување од 2006 година. Поради возраста на Берлускони, кој кон крајот на септември наполни 77 години, тој ќе мора да ја издржува казната или во домашен притвор или со извршување корисна работа за заедницата под надзор на надлежните социјални служби. Истовремено, изречената петгодишна забрана за извршување јавни функции судиите на Касацискиот суд ја вратија на пониска инстанца во судот во Милано.

Сепак, и денешната судската одлука не може да стапи во сила веднаш, бидејќи Берлускони во моментов е член на Горниот дом на италијанскиот парламент, Сенатот и само ова тело може да донесе одлука за одземање на неговата пратеничка функција.

Комисијата за избори и пратенички имунитет на Сенатот веќе усвои заклучок за одземање на сенаторскиот мандат на Берлускони. Сепак, изјаснувањето на Сенатот по овој предлог е одложено најмалку до 29 октомври, во договор меѓу двете водечки партии во владината коалиција - Демократска партија (ПД) на премиерот Енрико Лета и партијата Народ на слободата (ПДЛ) на Берлускони, со цел да се избегне нова владина криза. Од друга страна, Берлукони има и право да ја обжали денешната одлука на миланскиот суд.