1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две децении фудбалска самостојност

Златко Калински11 октомври 2013

Пред две децении македонскиот фудбал отвори нова страница од својата историја. На 13.10.1993. година во Крањ фудбалската репрезентација на Македонија против Словенија го одигра првиот натпревар под закрилата на УЕФА.

https://p.dw.com/p/19xva
Фотографија: Petr Stojanovski

Време на ковење на независност, време турбулентно. Битка за меѓународен легитимитет на земјата.Тешка мисија за вклучување и на македонскиот спорт во меѓународните асоцијации. Фудбалот по силата на нештата беше еден од приоритетните спортови. Поканата дојде од Словенечкиот фудбалски сојуз за пријателски натпревар во Крањ. Прв натпревар за Македонија со меѓународна верификација. Дарко Панчев, капитен на репрезентацијата ги враќа сеќавањата од пред две децении:

„Свесни бевме за моментот. Знаевме дека мора да се создава државна репрезентација. Не дека претходно македонскиот фудбал не постоеше и дека немаше свој сојуз во рамките на поранешната држава, но сега состојбата беше таква. Ние, неколкумина играчи со реноме, Најдоски, Канатларовски, јас... бевме ангажирани во кампањата за зачленување на Македонија во фудбалските форуми. Испраќавме писма до ФИФА и УЕФА, користевме лични контакти. И дојде денот да го одиграме тој прв натпревар од меѓународен карактер. Сите бевме возбудени. Ние повозрасните играчи во тимот знаевме дека на нас е најголемата одговорност. Без да ги оптоваруваме помладите, сами направивме договор дека мораме да одиграме најдобро што можеме, да постигнеме добар резултат, да оставиме добар впечаток. На крај сето тоа го исполнивме“.

Историски запис

На 13 октомври 1993. година во Крањ истрчаа репрезентациите на Словенија и на Македонија, поздравени од 3000 гледачи. Изборот на селекторот Андон Дончевски на единаесетмината во дресот на Македонија беше следниов: В.Мицевски,Грозданов,Јовановски,Канатларовски,Најдоски, Јаневски,Марковски,Бабунски,Т. Мицевски,Панчев и Бошковски.

Само 5 минути откако хрватскиот судија Пољак го означи почетокот, Македонија му се израдува на голот-првенец. Стрелец беше Зоран Бошковски. Со многу емоции ги прераскажува случувањата:

„Претчувствувавме дека ќе имаме добар настап. Бевме многу мотивирани. Таа 5-та минута не можам да ја заборавам. Панчев на левата страна направи дриблерско шоу, а потоа упати центаршут кој не беше тешко да се реализира. Се радувавме сите, бевме во своевидна еуфорија, не бевме свесни за моментот кој ќе остане испишан со златни букви. Вечерта кога се вративме во Скопје и бевме свечено пречекани, кога видовме како таа победа се доживува во Македонија, сфативме за тежината на направеното. Горд сум на тој историски гол,“ вели Бошковски.

Македонија ја победи Словенија со 4:1. Другите три гола ги постигнаа Панчев, Јаневски и Канатларовски. Аплаузите на крајот на стадионот во Крањ им беа наменети на македонските играчи. На најдобар начин беше демонстрирана силата на фудбалот кој со децении наназад се негува во Македонија.

„Победа на Македонија“, Историски меч“, „Игра, голови и аплауз“, беа дел од насловите во спортскиот печат.

Членство во УЕФА и ФИФА

Набрзо по Крањ, Македонија обезбеди членство во УЕФА и беше вклучена во квалификациите за Европското првенство во 1996. година. Уследи приемот и во ФИФА, со што македонскиот фудбал обезбеди целосен меѓународен легитимитет.

„Штета што таа наша генерација не траеше подолго. Сосема непотребно дојде до нејзино сменување, подмладување, а сметам дека имаше 7-8 играчи, кои можеа барем уште неколку години да играат во репрезентацијата. Како и да е имавме незаборавна историска мисија, на која со задоволство ќе си споменуваме. Во меѓувреме се сменија неколку репрезентативни генерации. За жал, ниту една не успеа да направи позначаен резултатски исчекор. Останува да работиме на тој план, да се обидеме со генерациите што доаѓаат“, вели легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев.

Инаку, македонската фудбалска репрезентација (на фотографијата, архива)вечерва во Кардиф ќе го одигра претпоследниот натпревар од квалификациите за Светското првенство во Бразил против Велс.