1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две експлозии во метрото во Москва

29 март 2010

Две експлозии во утринските часови го потресоа системот на подземната железница во Москва. Последните официјални информации говорат за 34 загинати, една од експлозиите веројатно била самоубиствен бомбашки напад.

https://p.dw.com/p/MgWz
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Руското обвинителство отвори истрага и соопшти дека се сомнева оти зад нападите стојат терористи. Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за експлозиите, но сомнежите веројатно ќе паднат на милитантните групи од северен Кавказ, каде што Русија се бори со исламските екстремисти.

Првата експлозија се случила во воз на подземната железница додека тој се наоѓал на станицата „Љубјанка“ во централниот дел од Москва, изјави портпаролката на руското министерство за заштита од катастрофи Ирина Андрианова за новинската агенција „Итар Тас“.

„ 14 лица загинале во ваговот на возот, а единаесет на перонот на станицата. Најмалку десет лица биле повредени во оваа експлозија“ , изјави Андрианова. Подоцна службите за итни ситуации соопштија дека во оваа експлозија загинале 22 а не 25 лица.

Главниот обвинител на Москва Јури Сјомин пред новинарите изјави дека оваа експлозија ја предизвикал бомбаш самоубиец кој носел елек наполне со експлозив.

Metro Moskau Bombe Explosion Russland
Не се знае кој стои зад експлозиитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Набрзо и втора експлозија

Околу 45 минути подоцна се случила и втората експлозија на метро станицата „ Парк Култури“ истотака во централниот дел на рускиот главен град, јавуваат руските агенции.

Првичните информации говореа дека во оваа експлозија загинале 15 лица , но подоцна беше соопштено дека станува збор за 12.

Андрианова изјави дека експлозијата истотака се случила во вагон на воз кој во моментот се наоѓал на станицата. Таа додаде дека спасувачки екипи веќе стигнале на местата на експлозиите, иако имале проблеми да се пробијат дотаму поради утринскиот сообраќаен шпиц.

Руската престолнина во изминатите десет години повеќепати беше потресена од смртоносни експлозии, за кои одговорноста ја преземаа милитантите од Чеченија, но во последните неколку години нападите беа навистина ретки.

Во Чеченија во последниве месеци е забележлив загрижувачки раст на насилството, откако про-руските локални власти се обидуваат да се справат со исламистичките бунтовници.

Автор: СН/ТТ/дпа/афп/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска