1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Движењето „Окупирај“ се гаси во смет

Ане Лихтенберг/Борис Георгиевски10 август 2012

Минатата година низ целиот свет како печурки никнуваа кампови на движењето „Окупирај“. „Окупирана“ беше и Европската централна банка во Франкфурт. Но времето минуваше, ништо не се менуваше, а полека, дојдоа и стаорците

https://p.dw.com/p/15nMo
Фотографија: dapd

Почетокот на окупацијата на централната банкарска институција на ЕУ, околу која се наоѓаат и централи на десетици други банки, беше полна со елан и ентузијазам.

Целиот свет беше во криза, а во окупацијата на Франкфурт учествуваа сите, стари и млади, вработени и невработени, па дури и банкарски службеници кои најдобро ги познаваа размерите на алчноста на која ни политиката не може да и застане на патот.

Окупацијата се ширеше, од Вол Стрит и американските градови, преку цела низа европски метрополи.

Но, не помина ниту цела година, а банките и натаму работат како што отсекогаш знаеле, а камповите на движењето „Окупирај“ исчезнуваат еден по друг, или претставуваат тажна слика. По десет месеци постоење неделава беше отстранет кампот во Франкфурт, со присуство на полицијата, но со многу повеќе работа за вработените во градското комунално претпријатие. Бидејќи во кампот од поодамна беа населени стаорци и бездомници.

Активистот на движењето „Окупирај“, Ерик Бун на крај и самиот мораше да признае. „Има стаорци во нашиот камп во Франкфурт. Но, ги немаше премногу. И точно, со текот на времето и некои бездомници поставија шатори во нашиот камп“.

Räumung des OCCUPY-Zeltlagers in Frankfurt 06.08.2012
Отстранување на кампот на „Окупирај“ во ФранкфуртФотографија: dapd

Но, вели Бун, виновен за тоа е градот Франкфурт кој не сака системски да го реши проблемот со бездомниците.

Но вистинскиот проблем на движењето не беа ниту стаорците, ниту десетиците бедзомници со потекло од Романија кои најдоа засолниште во кампот, додека само 15-ина активисти на „Окупирај“ остануваа ноќе во него. Останатите доаѓаа преку ден на договорени манифестации, но и тие беа се поретки. Главниот проблем беше што ништо не се менуваше, а самите демонстранти подобро знаеја што не сакаат, отколку што сакаат и како тоа да го остварат.

Движење без структура

„Активистите беа премногу обременети сами со себе, не создадоа никаква структура и дури сега почнаа да учат како да комуницираат меѓу себе“, вели социологот Дитер Рухт.

И Ерик Бун, по ова искуство верува дека многумина од нив наивно влегле во целата работа и започнале протести против далеку помоќни противници. „Се виде дека сме аматери во оваа политичка работа и мораме подобро да се снајдеме“.

Erik Buhn
Ерик БунФотографија: privat

Притоа, нему му изгледа дека во Германија се’ уште им е „премногу добро“ за масовно да се приклучат кон протестите. Но социологот Рухт не се согласува со таква оценка. Тој вели движењето „Окупирај“ пропаднало и во земји каде состојабата е далеку полоша, бидејќи речиси насекаде неговите членови увиделе дека по едногодишни протести не постигнале, речиси ништо.

Социологот Михаел Хартман смета дека движењето веројатно престанало да биде интересно за медиумите и за јавноста, иако на многумина им останала врежана паролата „Ние сме оние 99 проценти“. Многумина пред овие протести воопшто не беа свесни дека само еден отсто од населението на Земјата станува се’ побогато, додека сите останати осиромашуваат.