1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дволична политика на ЕУ-земјите кон бегалците

Алојз Бергер/Б. Георгиевски9 октомври 2013

Европските политичари бурно реагираа на последната трагедија која се случи во близина на брегот на Лампедуза. Но, нивната грижа и заврши тука некаде. ЕУ министрите во меѓувреме бараат решенија кои нема ништо да ги чинат.

https://p.dw.com/p/19wUL
Фотографија: picture alliance/ZUMAPRESS

Прво, портпаролот на германската амбасада во Брисел не го разбра прашањето: Какви одлуки може да се очекуваат од состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ за да се спречат идни бегалски кризи како онаа минатата недела во Лампедуза? Конечни одлуки не се очекуваат, одговори кусо портпаролот.

На крајот на долгиот ден, вторникот (08.10) вечерта, министрите разменија мислења, дебатираа и апелираа на совеста на другиот. „Бараме од Европа да ни помогне да спасиме животи“, рече италијанскиот министер Анџелино Алфано. Во сличен тон и европската комесарка за внатрешни работи Сесилија Малмстром ги повика европските земји „да го поделат товарот“. Германскиот министер Ханс-Петер Фридрих оцени дека сега е вистинско време да се зајакне Фронтекс- агенцијата за обезбедување на границите на ЕУ, за да се спречат бегалците да доаѓаат до европските граници. Имаше различни мислења, но не и заклучоци.

Многу врева за ништо. Слично како и во мај 2005., август 2006., па во 2008., 2009..., сѐ до денес. Околу 20 илјади луѓе ги загубиле животите во последните 10 години обидувајќи се да пристигнат во Европа од Африка по морски пат. И секој пат, реакциите беа бурни во европските градови, а политичарите не сторија ништо за да ја променат состојбата.

Manfred Weber CSU Archiv 2011
Манфред ВеберФотографија: picture-alliance/dpa

Политика контра човековото достоинство

„Потребна ни е култура на свесност“, вели Манфред Вебер, експерт за безбедносна политика во европскиот парламент, инаку од редовите на ЦСУ, истата партија од која доаѓа и германскиот министер за внатрешни работи Фридрих. И двајцата се на мислење дека сега не е време да се менува европската политика кон бегалците. Наместо тоа, земјите-членки треба да ги исполнуваат обврските од ЕУ регулативите. „Не е точно дека бродовите во нужда во Медитеранот не добиваат помош, и дека италијанските закони ги казнуваат тие што ќе им пружат помош на бегалците“, тврди Вебер.

Но, токму тоа е точно. Законот донесен во 2002. од владата на Силвио Берлускони овозможува оние кои ќе им помогнат на бегалците да дојдат до брегот да бидат обвинети за трговија со луѓе.

Овој закон е инспириран од расположението на ниво на целата ЕУ. Бегалците чинат пари и најдобро е да не им се посакува топло добредојде. Последица: грчките брегалски кампови се во толку катастрофална состојба што германскиот суд забрани депортација на бегалци во Грција, оценувајќи дека тоа е против човековото достоинство.

(Не)солидарност на дело

Со години веќе игнорантскиот однос на земјите-членки ја поткопува можноста за заедничко решение. Уште за време на војните во поранешна Југославија, кога Германија бараше и другите земји да преземат дел од товарот од огромниот број бегалци, никој не се одзва на повикот. Пред неколку години кога Шпанија апелираше да и‘ се помогне поради напливот од Африка, повторно никој не реагираше. Слично беше и кога Грција бараше помош.

Birgit Sippel Europaabgeordnete SPD
Биргит СипелФотографија: picture-alliance/dpa

Европската политика е кризна политика. Само кога мнозинството европски влади ќе се најдат во проблеми се бара заедничко решение.

За да се спречат катастрофи како последната во Лампедуза ќе биде потребно Европа целосно да ги отвори своите граници, а тоа не е политички можно во ниту една земја на ЕУ.
„Ниту една земја во светот нема целосно отворени граници“, вели Биргит Сипел, европарламентарка од редовите на социјалдемократите. Но, таа верува дека Европа може да прифати далеку поголем број бегалци од она што во моментов е подготвена.

Манфред Вебер, пак, смета дека за Европа нема друг излез освен да ги одбие луѓето кои сакаат да ги минат нејзините граници. „Потребна ни е дистинкција меѓу политичките бегалци и оние кои доаѓаат од економски причини, иако тоа не е лесно да се стори. Не можеме едноставно да одлучиме некому да му дозволиме влез во Европа, а на останатите да им кажеме 'Не'“, вели Вебер.