1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДВ речиси половина век го афирмира македонскиот јазик

Свето Тоевски11 мај 2013

Содржините на македонски јазик, емитувани преку Дојче веле во светскиот медиумски простор, се силна афирмација и на македонската книжевност и култура во меѓународни рамки

https://p.dw.com/p/18W2c
Фотографија: DW

Веселинка Лабровска од Институтот за македонски јазик во Скопје, вели дека фактото што Дојче веле, како медиумска куќа во Германија, веќе 44 години има програма на македонски јазик, е показател дека „придавката ’македонски’ и сите други идентификациски белези на граѓаните на Македонија не се проблематизираат во држави со изграден однос кон демократијата и кон вистината, како што е и Германија“.

Професорот на Филолошкиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и директор  на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Максим Каранфиловски, се надоврзува: „Во светот има неколку илјади јазици и штом македонскиот се наоѓа меѓу 30-те кои ДВ ги избрал тоа само по себе покажува дека овој глобален светски медиум самиот му придава значење на македонскиот јазик, бидејќи тој му е потребен. Тоа не е само израз на германскиот поглед на светот, искажан на македонски јазик, туку и доказ за важноста токму и на македонскиот јазик штом тој се употребува од овој важен светски медиум. Застапеноста на македонскиот јазик во ДВ придонесува многу за неговата меѓународна афирмација. Тоа е многу важен факт и аргумент за постоењето на македонскиот јазик.“

Veselinka Labrovska
Веселинка Лабровска: Македонските интелектуалци треба да се ангажираат повеќе за афирмација на македонскиот јазикФотографија: Privat

Професорката Лабровска дополнува: „Секој збор што ќе прозвучи на македонски јазик во светските медиуми, уште повеќе во широкиот комуникациски простор на интернет-мрежата, а ја има тежината на точното информирање на една таква информативна куќа како што е Дојче Веле, е голем придонес не само за македонскиот јазик, туку и за пошироката застапеност на информации од Македонија во меѓународни рамки.“

Соработка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје и ДВ

Професорот на студиите по новинарство на Правниот факултет на Државниот универзитет во Скопје Љубомир Јакимовски ја нагласува  и мултикултуралната димензија на информативните пограми на Дојче  веле и најавува: „Тоа што ДВ од 1969 година имаше радио емисија на македонски јазик говори и дека во својата програма силно ги негува и принципите на мултикултурализмот. Нашата магистрантка Ана Алибегова одбрани магистерски труд токму во врска со мултикултурализмот во програмите на ДВ и редакцијата на македонски јазик. Ова беше повод да предложам да се воспостават контакти за соработка меѓу Институтот за новинарство, медиуми и комуникации на Правниот факултет ’Јустинијан први’  и Дојче веле. Наскоро претстои потпишување договор за соработка на двете институции во образованието на новинарите и на додипломските и на постдипломските студии. Некои македонски новинари можеби ќе имаат двојни македонско – германски дипломи.“

Artikelbild MAC 60 Jahre DW
Програмата на Дојче Веле на македонски јазик стартуваше на 11 мај 1969 годинаФотографија: DW

Професорот Каранфиловски се задржува на употребата на македонскиот јазик во информативните содржини на ДВ: „Многу е важен и големиот степен на јазична коректност што ја имаат текстовите на програмата на македонски јазик на Дојче веле во сите медиумски изрази – пишаните, говорените и на интернетот, што има повеќестрано значење за негата и грижата, посебно за еден јазик каков што е македонскиот, на кој се‘ уште му е потребна во поголем степен таква нега и грижа. Значителен дел од македонските медиуми би требало да се угледаат на ДВ во овој поглед.“

„Поофанзивна и поагресивна стратегија за меѓународна афирмација на македонскиот јазик“

Токму во врска со уште посилната не само промоција во светот, туку и грижа за македонскиот јазик, критички се осврнува Петер Рау, професор по германски јазик на споменатиот Филолошки факултет во Скопје: „Би била голема грешка ако македонскиот јазик на извесен начин започне да го намалува своето присуство во мозаикот на старите европски јазици, ако се намалува неговата улога низ меѓународните мрежи, институции и портали, наместо со него да се придонесува кон збогатувањето на меѓународниот спектар на јазици. Мора да се развива нова поофанзивна и поагресивна стратегија за пробивање на македонскиот јазик, литература и култура на пазарите, низ мрежите и во културните институции на сите други европски земји. Со таква стратегија да се настапува против обидите на некои ’добрососедски земји’, кои не прават ништо друго освен да се обидуваат да го отстрануваат македонскиот јазик од меѓународните мрежи и од другите земји.“

Prof. DR. Peter Rau
Петер Рау: Потребна е поофанзивна стратегија за пробивање на македонскиот јазикФотографија: Sveto Toevski

Лабровска заклучува: „И јас сметам дека треба повеќе да се ангажираат сите македонски интелектуалци на афирмација на македонскиот јазик. Долгорочна стратегија за негова афирмација во повеќе центри во светот е неопходна. Ние, научните работници од Институтот за македонски јазик 'Крсте Мисирков', правиме максимални напори во тој поглед, но нашата поголема присутност во меѓународни рамки, на конференции, симпозиуми, во наши лекторати, ќе резултира со побрзи резултати во поглед на придобивање повеќе вистински пријатели на Македонија, како што е наш пријател и Дојче Веле, а и многу колеги од Германија. Тука финансиската поддршка на државата е неопходна. Треба да се размисли за потребите за отворање нови лекторати во држави, кои би биле клучни за нас, но и за ’мобилни лекторати’“.