1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебата во Германија за ангажманот во Авганистан

21 мај 2007

Смртта на тројца германски војници во самоубиствениот напад врз припадници на Бундесверот во Кундус разгоре дебата во Германија за смислата на ангажманот во Авганистан

https://p.dw.com/p/Anrx
Германски војници во Авганистан
Германски војници во АвганистанФотографија: AP

Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг од ЦДУ и претставници на сите партии, со исклучок на Левичарската, се искажаа за продолжување на ангажманот. Јунг во телевизиски настап укажа на постигнатите успеси и наведе дека благодарение на ангажманот шест милиони деца, 40 проценти од нив девојчиња, повторно можат да одат на училиште.

„Мораме да ги придобиеме срцата на луѓето – тоа е решавачко. На северот веќе спроведовме 650 проекти, од водоснабдување до изградба на патишта, болници, детски градинки. Тоа е вистинскиот пат и со таа стратегија и натаму ќе продолжиме“ – нагласи Јунг. Тој беше категоричен: германските војници ќе продолжат со извршување на задачата во рамките на заштитните трупи ИСАФ за давање подршка на авганистанската влада, со тоа и на авганистанското население, на патот кон стабилност, обнова и мирен развој.

Министерот за надворешни работи, социјалдемократот Франк-Валтер Штајнмаер, предупреди да не се отвора дебата за прекинување на ангажманот. И повереникот на Бундестагот за прашањата на оружените сили Рајнхолд Робе, исто така од СПД, предупреди од популистички барања за повлекување, но укажа и на пораст на нарушувања како последица од психичките оптоварувања на ангажираните војници. Рајнер Арнолд, претставник за одбранбена политика на социјалдемократите, побара „широка дебата за германската одговорност во светот“.

Претседателот на здружението на припадниците на Бундесверот Бернард Герц смета дека без радикална промена на севкупната стратегија се заканува опасност од неуспех во Авганистан. Политичарот на Зелените Јирген Тритин рече: „Вакви страшни работи не можат да се исклучат, но сметам дека мора да се отстрани основното загрозување што произлегува од начинот на кој Американците ја водат војната таму“.

Оскар Лафонтен од Левичарската партија, борбените акции на меѓународните сили во Авганистан ги означи како терористички: „Борбените трупи во Авганистан честопати убиваат цивили и ги кршат Женевските конвенции. Таму воопшто не можат да се разликуваат борци од селани. Сега и ние самите, со ангажирањето на авионите ’торнадо‘, сме вмешани во терористички акции. Теророт никогаш не можеме да го сузбиваме со терор. Значи ова мораме да го запреме и тоа неодложно“ – побара Лафонтен.