1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

050210 China Sicherheitspolitik

6 февруари 2010

Хајлајт на Минхенската конференција за безбедност годинава е првото појавување на претставници на Кина. Со подемот на Кина полека се менува сликата за односите на моќ во светот.

https://p.dw.com/p/LtmK
Искусниот германски дипломат, Волфганг Ишингер, домаќин на Минхенската конференцијаФотографија: AP

Од заштитата на климата, преку светската финансиска криза, до визијата за свет без атомско оружје - ниту еден од глобалните проблеми не можат да се решаваат повеќе без Кина. Таа ја поседува и најбројната армија на светот со преку 2 милиони војници. Кина е и светски рекордер во извоз и втора по големина национална економија во целиот свет. Сето тоа ја менува сликата за односите на моќ во светот. Како во земјата, така и на меѓународно ниво стануваат се’ погласни повиците Кина поактивно да се заангажира во кризниот менаџмент во светот.

Светска сила во подем

Директорот на германското Друштво за надворешна политика, Еберхард Зандшнајдер, оценува дека влијанието на Пекинг и понатаму ќе расте. Но, кинеската влада постепено и многу прагматично го зазема новото место што и’ припаѓа на светската сцена. „Постојано водејќи сметка да не ги пречекори сопствените ресурси и способности, Кина сега дозволува да биде вклучена во глобалните механизми за решавање на проблемите. b Но, таа не дозволува никој да ја влече или турка, туку на секоја одлука на кинеската влада и’ претходи внимателна проценка дали земјата е во состојба да го понесе товарот на одредени меѓународни обврски.“

München Sicherheitskonferenz Festsaal Bayerischer Hof
Светската безбедносна елита повторно се собира во Минхен: свечената сала во хотелот „Бајеришер хоф“Фотографија: AP

Стратешки интерес - економијата

Експертот Зандшнајдер смета дека владата во Пекинг решава од случај до случај дали и колку ќе се ангажира. Стратешкиот компас при тоа е интересот на домашната економија, а не некои идеолошки интереси или трајни партнерства. Така растечката светска сила знае да стави вето на санкциите против Иран во Советот за безбедност на ОН, бидејќи на домашното стопанство му е неопходна персиската нафта. Од друга страна, Пекинг испраќа воени бродови во рамките на меѓународната мисија на ОН да го надгледуваат поморскиот пат во Аденскиот залив и да ги чуваат трговските бродови од пирати. За меѓународната мисија во Авганистан, меѓутоа, Кина не сака да испрати сопствени војници, иако нејзини компании учествуваат во експлоатацијата на тамошните природни богатства. Конечно, Кина се ангажира во изградбата на сообраќајни и железнички правци или дури училишта во Африка, обезбедувајќи си за возврат важни суровини. При тоа официјален Пекинг нема проблеми да соработува ни со диктаторски режими од Гвинеја, па до Зимбабве.

Нови меѓународни структури

Дали тоа му се допаѓа на Западот или не, Кина ги следи доследно своите економски интереси, заклучува експертот Зандшнајдер. Таа бара и прилагодување на структурата на меѓународните организации на современата поделба на моќ во светот. При тоа станува збор за тоа дали Групата Г8 не треба да ја замени Г 20, во која членуваат и светските сили во подем, како што е Кина. Во САД, пак, се’ почесто се слушаат и повици за диумвират меѓу Пекинг и Вашингтон. Поранешниот советник на американската администрација за безбедносни прашања Збигњев Бжежински зборува дури за Група Г2, која може да го менува светот. Но, таквите предлози Кина ги отфрла без премислување. Експертот Зандшнајдер меѓутоа верува дека кинеското раководство ќе се либи да ја прифати таквата структура само до моментот кога ќе се чувствува подготвено да разговара со Американците на исто рамниште: „Земјата во моментов тоа уште не го може, затоа и го отфрла како идеја. Но, кога нејзините капацитети тоа ќе го дозволат или барем кога владата во Пекинг ќе биде уверена дека е така, тогаш Кина ќе го смени однесувањето!“ - заклучува директорот на германското Друштво за надворешна политика, Еберхард Зандшнајдер.

Rumsfeld in München
Еден од гостите на претходните средби: американскиот министер за одбрана Рамсфелд

Автор: Кристоф Рикинг/Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски