1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деби на Младиќ пред судот во Хаг

3 јуни 2011

На првото појавување пред судот во Хаг, Младиќ нагласи дека не успеал да го прочита обвинението, бидејќи е „тешко болен.“ Тој побара одложување на изјаснувањето за еден месец. Новото сослушување е закажано за 4. јули.

https://p.dw.com/p/11THE
Фотографија: AP

„Господине Ори сакам да го добијам гнасното обвинение, добро да го прочитам и да размислам со своите адвокати, бидејќи мене ми треба повеќе од еден месец да ги прочитам тие монструозен зборови, кои никогаш не сум ги ни слушнал, ниту можам да сфатам дека е така“, одговори поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, по читањето на дел од обвинението во Хашкиот трибунал. Тој уште додаде дека е „тешко болен.“ Судијата Алфонс Ори го закажа новото изјаснување по вината на 4 јули.

Обвинителниот акт против Младиќ беше променет неколку пати, за последен пат на 27. мај. Место по 15 точки во обвинението, тој ќе одговара за 11 точки, меѓу другото за геноцид, злосторства против човештвото и нарушување на воените закони за време на конфликтот во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година. Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија го назначи Александар Алексиќ за службен адвокат на Младиќ за време на неговото прво појавување пред судот.

По 16 години поминати во бегство, Младиќ беше уапсен во Србија на 26. мај и предаден на Трибуналот на 31. мај.

Ештон: Белград сака да ја избрише дамката од 90-те години

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон, во авторски текст за британски „Гардијан“ истакнува дека апсењето на Ратко Младиќ создаде простор за дијалог, кој треба да го замени крвопролевањето на Балканот, а улога во дијалогот ќе одигра и ЕУ. Ештон во текстот пишува дека, врз основа на информациите со кои располага, тоа што Младиќ бил уапсен токму на денот кога била во Белград, е „чиста коинциденција.“

„Меѓутоа, она што не е коинциденција е поврзаноста на желбата на Тадиќ да ја внесе Србија во ЕУ и неговото инсистирање за отстранување на дамката, создадена од однесувањето на српските власти во 90-тите години“, оценува Ештон, додавајќи дека не очекува процесот на помирување на Балканот да биде брз или едноставен, бидејќи за „историските рани е потребно време да се излекуваат“, но дека „надежта за членство во ЕУ и делењето идеали и просперитет доведоа до силен мотив за решавање на старите разлики.“

Автор: ЕМФ/ТТ/миа

Редактор: Трајче Тосев