1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Девојки со срца лавовски

21 јуни 2010

ЖФК „Борец“ од Велес е двоен првак на Македонија во фудбал - освојувач на првенството и на Купот на Македонија. Обичните-необични девојки ја вратија спортската страст во градот кој некогаш живееше за спортот.

https://p.dw.com/p/NyLO
Велес, некогаш еден од најспортските градови во МакедонијаФотографија: Petar Stojanovski

Тие се обични девојки од нашето соседство - Валерија, Ленче, Наташа, Сијче, Надица, Цветанка, Маја, Данче, Гента, Ангела... Но, така е само навидум. Со топката на зелениот терен стануваат вистински голгетери, мајстори на фудбалот кои успешно можат да ги дриблаат и своите поискусни машки колеги. Тие се дел од екипата на ЖФК „Борец“ од Велес, двојни прваци на Македонија во фудбал. Нивната навивачка група Гемиџии како вистински погодок им ја посвети песната „Девојки со срца лавовски“ која ечи на стадионите низ Македонијa.

Тие се новата гордост на Велес и Македонија, екипата која игра во Лигата на шампионите. Девојките кои по повеќе од десетина години го вратија сјајот на спортот во порано најспортскиот македонски град - Велес, ја вратија и публиката на стадионите.

„Ова е голем успех за Борец, едноставно за целиот град, затоа што долго време во Велес немавме никаков спорт.“

Екипата на Борец е една од најзаслужните за успехот на женскиот фудбал во Македонија и Велес кој доживува вистински подем, потенцира Леонид Кодовски претседател на Комисијата за женски фудбал при Фудбалската федерација на Македонија.

„Значи ЖФК Борец континуирано работи и тоа вроди со плод, како женски фудбал, така и конкретно за фудбалот во Велес. Знаеме дека од поодамна не постои, згасна фудбалскиот клуб Борец мажи, кој беше гордост на градот.“

Досега ниту една велешка екипа немала двојна титула

Драган Димески, претседател на клубот, вели дека не памети ниту една велешка екипа која се закитила со двојна титула. Тие се новата надеж на велешкиот и македонски фудбал и на меѓународните натпревари:

„Со оваа потврда можам да кажам во историјата на Велес, не знам, ама мислам не му се случило на ниеден клуб да освои двојна шампионска титула во иста година. Затоа на овие девојки во иднина треба да им се посвети големо внимание и како граѓани да ја дадеме комплетната поддршка овие девојки да прераснат во големи играчи на кои ќе се гордее цела Македонија.“

Тренерот на клубот Тоше Нацев ја имаше најтешката задача, но вели дека од самиот почеток си зацртал голема цел и само со макотрпен четиригодишен труд, заедно со целиот тим, успеаја до стигнат до двојната победа.

„Патот беше тежок, а девојките истрајаа во целата таа работа, во постојаност, организација, тренинзи, се‘ беше на ниво и се‘ си дојде на свое место, на општо задоволство на сите. Девојките ја заслужија двојната титула, затоа што макотрпно работеа.“

Flash-Galerie Das globale Fußball-Dorf
Фудбалот е се‘ помалку само машки спортФотографија: Lutz Udally

Ништо без поддршка на родителите

За победата, секако голема е заслугата и поддршката што младите велешки фудбалерки ја имаат од своите родители.

Гордана Андонова е мајка на двете најдобри фудбалерки на „Борец“ и на македонската репрезентација, Наташа и Сијче.

„Ние досега не сме отсуствувале на ниеден натпревар. Значи најмногу што можеме ги бодриме. За да го постигнат тоа што денеска го постигнаа неопходна им е нашата подршка“, вели таа.

Наташа Андонова е скромна и мила, но вистински мајстор, голгетер на зелениот терен од кој најмногу стравуваат противничките играчи. Наташа Андонова е најзаслужна за последната победа од 2 спрема 0 врз екипата на прилепска Победа, но и за поголемиот дел од 159-те дадени гола во првенството. По освојувањето на купот ,пресреќна за Дојче веле изјави:

„За мене лично, освојувањето на две титули едноподруго е нешто најубаво што може да ти се случи. Имаме многу навивачи и тие прават се‘ за нас, не‘ поддржуват. Тоа за Велес е многу значајно - ние сме први во првенството и на Купот.“

„Ќе ми излета срцето...“

Нејзини клупска другарки се исто така успешните фудбалерки, Ленче Андреевска и Данче Стаиќ.Т ие исто така беа преполни се емоции и среќни поради двојната победа.

„Значи четири години напорно трениравме, чесно се боревме за ова и конечно оваа година ни‘ се оствари сонот да бидеме прваци на Македонија и еве и Куп- победници. Во моментов мислам срцево ќе ми излезе, премногу сум среќна и се радувам за овој подвиг“, вели Анфреевска, а Стајиќ додава:

„Напорно работевме четири години, вложувавме труд и нормално си дојде се‘ на свое место, шампиони со двојна титула.“

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска