1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деескалација на состојбата во Палестина

15 март 2006

Ситуацијата во палестинските автономни подрачја полека се смирува, иако е се‘ уште напната.

https://p.dw.com/p/Ac85
Израелскиот министер за одбрана Шаул Мофас
Израелскиот министер за одбрана Шаул МофасФотографија: AP

Радикалните палестински групи ги пуштија на слобода преостанатите тројца странски заложници, кои беа киднапирани во знак на протест против операцијата на израелската војска врз палестинскиот затвор во градот Ерихон. Во повеќе градови на Западниот брег денеска сепак илјадници лица протестираа против насилното апсење на лидерот на Народниот фронт за ослободување на Палестина Ахмед Садат и неговото префрлање од палестинскиот во израелски затвор.

Израелскиот печат денеска изрично ја поздравува операцијата на армијата, насловувајќи ги статиите на насловните страни со „Сметката е израмнета„ или „Лекција за Хамас„. Весникот „Једиот ахронот„ оценува дека ниту една израелска влада не би дозволила шестмината палестински затвореници обвинети за учество во убиството на еден израелски министер во 2001-та да бидат пуштени на слобода. При тоа весникот се повикува на барањето на радикалната палестинска организација Хамас, која ќе ја формира новата влада, лидерот на Народниот фронт за ослободување на Палестина Ахмед Садат да биде пуштен на слобода и да биде вклучен во новата влада. Израелскиот министер за одбрана Шаул Мофас појасни:

„Постојат национални интереси, околу кои израелската држава не може да прави компромиси. Кај безбедноста нема компромиси, а убијците ги изведуваме пред суд. Смета дека преодниот премиер Олмерт донесе исправна одлука.„

Израелските весници ги отфрлаат шпекулациите дека целата операција била маркетиншки потег на вршителот на премиерската должност Ехуд Олмерт спроти парламентарните избори што ќе се одржат за две недели. Коментаторите сепак признаваат дека избирачите многу ги сакаат ваквите операции, при кои непријателот е понижен, а израелските војници здрави и живи се враќаат во касарните. При вчерашната операција во градот Ерихон животот го загубија двајца палестински полицајци кои го чуваа затворот, а уште најмалку 25-мина беа повредени.

Во знак на протест повеќе палестински групи денеска повикаа на генерален штрајк, што во голема мера и се спроведува на авотномните подрачја. Дел од нив се заканија и со одмазда, на што израелските сили за безбедност се ставени во втор највисок степен на готовност. Само радикалната организација Хамас, која победи на изборите и треба да формира влада овој пат се прикажува како поумерена и не упати никакви закани. Наместо тоа Хамас ја осуди акцијата на израелската армија како „пиратска„ и побара меѓународен притисок врз владата во Ерусалим.

ЕУ денеска побара од Палестинците да го прекинат насилството насочено против европските институции и граѓани. Овој апел е итен и недвосмислен, порача пред пратениците на Европскиот парламент, шефот на Комисијата Жозе Мануел Барозо:

„Никој не им помогна на Палестинците толку многу како ЕУ. Ние и сакаме да го продолжиме таквиот ангажман и затоа апелирам да престанат сите напади врз институции на Унијата и земјите членки – и тоа веднаш!„

Од говорницата на Европскиот парламент во Стразбур, каде денеска требаше да се појави претесдателот на Палестинците Махмуд Абас, се служна и остра критика на сметка на Израел. Претседателот на Парламентот Хозеп Борел нападот врз затворот во Ерихон го оцени како нелегален и непотребен потег.