1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Декларацијата од Берлин, треба да биде важен чекор за ЕУ

Тони Гламчевски14 март 2007

Декларацијата за „Иднината на Европа“ која на 25 март треба да биде усвоена во Берлин, може да биде важен чекор кон една силна Европа, свртена кон иднината, истакна претседателот на Европскиот парламент Ханс-Герт Петеринг.

https://p.dw.com/p/AbyY
ЕУ
ЕУФотографија: AP

Во дискусиите околу Берлинската декларација и иднината на уставотворниот договор, во која се вклучени Европскиот совет и комисија, европскиот парламент треба јасно да го каже следново:

„Европскиот парламент го сака уставотворниот договор. Ние сакаме да суштината на договорот, во која се подразбира и поглавјето за вредностите, да имаат правно значење и станат правна и политичка реалност.“ нагласи Петеринг.

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, во својство на претседавач со Европската Унија нагласи дека на 25 март, кога ќе биде одбележан 50-от роденден на Европската унија, на тој ден треба истовремено да се погледне и наназад кон „Европа како успешна приказна“, за која што можеме да бидеме горди, и кон нејзината иднина односно како да се изнајдат одговори за прашањата кои ги преокупираат Европјаните.

„Ако сакаме луѓето да и бидат наклонети на Европа, тоа треба да се илустрира со конкретни примери дека европското единство и Европската унија им служи. Дека ЕУ може да се соочи со предизвиците од иднината и дека може да предложи интересни решенија.“

Според Штајнмаер, последниот самит покажал дека ЕУ и со 27 земји членки е способна да делува, посебно во областите каде Европјаните очекуваат најмногу: како енергијата, климатската заштита, заедничката надворешна и бебедносна политика, борбата против тероризмот. Елементи, кои ќе имаат клучно место во Берлинската декларација. Со посебен акцент на социјалниот карактер на Европа. Во текстот ќе има и осврт на минатото на Европа, нејзиното обединување и заедничките вредностите. Текстот на декларацијата се уште не е довршен.

„Ние сакаме, еден јасен и краток текст за 50 годишнината од Римскиот договор. Читлив и разбирлив текст за граѓаните“, нагласи Штајнмаер, пред европратениците во Стразбур.

Со тоа се согласува и потпретседателката на Европската Комисија Марго Валстром.

„Пораката треба да биде јасна, дека нашите институции можат да одговорат на очекувањата на нашите граѓани и на висината на демократските амбиции“, рече Валстром.

Во дискусиите се слушнаа и критики. Греем Ватсон од редовите на либералите и демократите жали дека се дискутира за „фантомски текст“. Францис Вурц од името на обединетата левица ја критикуваше тајноста и затворениот круг на тие што работат на нејзиното изработување.

Додека, Даниел Кон-Бендит од редовите на Зелените нагласи: „Ако не дискутираме јавно за текстот, ризикуваме да се најдеме со еден банален текст“

25 март, според сите европратеници кои зедоа учество во дискусијата, треба да биде прилика во која ќе се најдат силите за предизвиците кои ја чекаат Европа.