1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дело на Рихтер ги сруши сите рекорди

АТ/ дпа/ ЗЦ15 мај 2013

Монументалните, фотореалистични дела на германскиот уметник Герхард Рихтер се високо ценети од љубителите на уметнички дела во светот. Еднo од нив во Њујорк сега достигна рекордна цена.

https://p.dw.com/p/18Xyp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сликата „Плоштадот пред катедралата, Милано“ на Герхард Рихтер на аукција во „Сотбис“ во Њујорк достигна цена од 37,1 милиони долари (речиси 29 милиони евра). Според аукционата куќа „Сотбис“ тоа била рекордна цена за едно дело на германскиот уметник. Поголема вредност на пролетната аукција за современа уметност постигна само делото на Барнет Њуман. Неговото дело „Онемент VI“ проценето на 30 до 40 милиони долари, беше продадено за 43,8 милиони долари.

Рекордна цена за дело на Рихтер

Делото на Рихтер е создадено во 1968 година. Се работи за нарачка на „Сименс Елетра“ и долги години висеше во филијалата на концернот во Милано. На неа е претставен трговски центар со поглед на катедралата во Милано и делува како матна црно-бела фотографија, техника која Рихтер радо ја применува. Платното со димензии 2,75 на 2,90 беше дотогаш најголемото фигуративно дело на германскиот уметник. Последно на аукција во Лондон во 1998 година ова дело достигна вредност од околу 3,6 милиони долари.

Герхард Рихтер кој живее во Келн се смета за еден од најзначајните и најскапи модерни уметници во светот. За неговиот 80-ти роденден во Берлин беа презентирани негови дела. Најголемата изложба во Новата национална галерија сочинуваше 130 дела.