1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Делумно топење на јадрото во Фукушима 1

28 март 2011

Силен земјотрес утрината (28.03) ја погоди Јапонија, со епицентар на шест километри длабочина пред брегот, на 163 километри од Фукушима. Во реакторот 2 во Фукушима 1 дошло до делумно топење на јадрото, потврди владата

https://p.dw.com/p/10j6T
Нуклеарката Фукушима 1Фотографија: AP

Возовите во Токио возат поретко, откако енергетскиот концерн ТЕПКО, кој управува и со хаварисаната атомска централа Фукушима, повика да се штеди енергија. Оттогаш, во различни делови наизменично се исклучува струјата по неколку часа. Една Јапонка вели:

„За исклучувањето на струјата се информирам преку информативните емисии. Толку ми е жал за луѓето во областа на Тохоку, погодена од катастрофата, што не помислувам да се жалам за рестрикцијата на струја.“

Нема туристи во Токио

Japan Fukushima Radioaktivität Evakuierung Geigerzähler Greenpeace
Со Гајгеров бројач постојано се мери радиоактивностаФотографија: picture alliance/dpa

Низ улиците во Токио може да се сретнат Јапонците кои многу сакаат да одат во шопинг, во квартот Ропонги блиску до амбасадите, но нема странци. Поради тоа многу хотели привремено се затворени. Во Токио не доаѓаат туристи, поради страв од радиоактивното зрачење од атомската централа Фукушима 1. Професорот Наото Секимура Тодаи од Универзитетот во Токио вели:

„Претпоставувам дека радиоактивните честички потекнуваат од оштетеното јадро. Потоа, преку некој отвор во коритото за собирање, заедно со водата стигнале до турбините. Тоа е голем проблем. Концентрацијата во моментов е преголема, и работниците не можат да останат таму.“

Во реакторот 2 се измерени екстремно високи количества. Најпрво беа објавени податоци за 10 милиони пати поголемо радиоактивно зрачење од нормалното, а подоцна компанијата ТЕПКО ги коригираше бројките на 100.000 пати повеќе од нормалното зрачење.

Критики за лошата информативна политика

Japan Fukushima Proteste Demonstration Atomenenergie
Јапонците почнаа да протестираатФотографија: dapd

Информативната политика на компанијата ТЕПКО, но исто така и на јапонската влада, добиваат критики. Безбедносните мерки во Фукушима 1 биле доволни за цунами од 5,5 метри. Експертите уште пред еднаипол година предупредија дека при силен земјотрес постои опасност од цунами од над 10 метри. Брановите на 11 март на некои места во Североисточна Јапонија достигнаа до 18 метри. Владиниот портпарол Јукио Едано, најпосле упати јасни зборови до ТЕПКО:

„Без веродостојни информации владата не може да преземе соодветни мерки. Сметам дека населението се‘ повеќе ја губи довербата во ТЕПКО. Затоа од компанијата побаравме да објави повеќе информации, или барем да ги стави на располагање на владата.“

Веќе започна кавгата за отштета. Владата смета дека хаваријата во атомската централа не е причинета само од природната катастрофа, затоа државата не сака да плаќа отштета, туку одговорноста да ја преземе ТЕПКО. Но, владата и енергетскиот концерн мора да работат заедно за справување со тесното грло во снабдувањето со енергија. Што е можно побргу треба да се изградат нови централи на погон на нафта и гас.

Автор: Петер Кујат / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема