1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократите пред изборно фијаско!?

Aleksandra Trajkovska2 ноември 2010

Во САД се одржуваат избори за Конгресот. Ќе се гласа за места во Претставничкиот дом, за една третина од стоте сенатори и ќе се избираат нови гувернери. Според анкетите, Демократската партија ќе претрпи голем пораз.

https://p.dw.com/p/Pw11
Претседателот се бори за секој избирачки гласФотографија: AP

Иако името на Барак Обама овојпат не се наоѓа на избирачкото ливче, денешните парламентарни избори во САД се сметаат за еден вид референдум за неговата политика. Анкетите покажуваат рекорден пад на популарноста на американскиот претседател. Сепак, тој уште еднаш ја употреби сета своја политичка моќ за да ги мобилизира гласачите, кои пред две години му помогнаа да се всели во Белата куќа. Во изминативе месеци американскиот претседател учествуваше на стотина митинзи, меѓу кои и последниот во предизборбната кампања во Чикаго. Досега демократите располагаа со убедливо мнозинство во Претставничкиот дом, меѓутоа по денешните избори тоа ќе се промени. Се очекува републиканците значително да добијат на сила и во Сенатот. „Морате да излезете на избори и морате да се погрижите и другите да излезат на гласање. Ако сите оние кои во 2008 година се бореа за победа сега повторно се ангажираат, ќе ги добиеме и овие избори“, порача Обама.

USA Parteien Republikaner und Demokraten Logo Elefant und Esel
Републиканците против демократитеФотографија: AP GraphicsBank/DW

Имајќи ги предвид најновите анкети, веројатноста да се оствари неговата желба е мала. Според истражувањето на јавното мислење, спроведено од американскиот телевизиски канал СиЕнЕн, 55% од Американците ќе гласаат за републиканците, додека 40 проценти за демократите на Обама. Според експертите, причината за ова е што Обама и демократите во изминатиот период акцентот на својата работа го поставиле на погрешно место. Тие сега ја плаќаат цената за тоа што изминатата година не се концентрираа на опоравување на економијата, туку беа преокупирани со заштита на животната средина и реформите во здравството, нагласуваат познавачите на состојбите во САД.

„Ти парти“ против политиката на демократите

USA Wahlen Republikaner Tea Party Sarah Palin
Сара Пелин и движењето „Ти парти“Фотографија: AP

Печат на годинешната предизборна кампања и` даде движењето „Ти парти“, кое работи во полза на републиканците. Нивната цел е да ја претстават актуелната влада на демократите како непријателска кон граѓаните, речиси како за време на колонијализмот пред двесте години. Сара Пелин, поранешната кандидатка за потпретседател на САД, се претвори во заштитно лице на новото движење: „Да се држиме заедно, со гордост. Да ја обновиме Америка“, повикува Пелин за време на митинзите, организирани од „Ти парти“. Дали тоа ќе биде доволно за републиканците да го преземат и Сенатот - останува да се види. Според досегашните анкети, демократите најверојатно ќе го задржат мнозинството во повисокиот дом на Конгресот.

Автор: ТТ/ АТ/ дпа/ афп/ ртр/ дапд/ дв

Редактор: Александра Трајковска