1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократијата во партиите мислена именка?

19 март 2012

Промовираат развој на демократските процеси, а во сопствените редови градат култ на личноста на лидерот и не се расположени за судир на концепти. Колку се демократски политичките партии во РМ?

https://p.dw.com/p/14McC
Средба на лидерите на парламентарните партии (архива, февруари 2011)Фотографија: MAKFAX

„Македонија не може да мрдне ни чекор по својот специфичен македонски пат кон Европската унија додека не влезе во процесот на вистинската демократија. Трагикомични се нашите лидери кога се залагаат за демократија и развој на демократските процеси, а раководат со султан-партии.“

Оваа оценка на внатрепартиската демократија, изречена од професорката Гордана Силјановска е стара речиси 10 години, но се чини прилично актуелна и на прагот на третата деценија на македонската самостојност.

Партиите сметаат дека се доволно демократски

Можно ли е да се развиваат демократските процеси во општеството ако основните чинители на политичкиот живот, партиите, не се доволно демократски внатре во сопствените редови? Ако се прашуваат партиски функционери, партиите во Македонија се демократски. За состојбите во ВМРО ДМПНЕ и во СДСМ за Дојче Веле зборуваат Александар Спасеновски и Андреј Петров.

Wahlen in Mazedonien
Народните избраници ретко со својот став отстапуваат од ставот на партијата, тврди Дарко АлексовФотографија: MIA

„Мислам дека станува збор за стереотип за наводната недемократичност на политичките партии во Македонија кој што постои од стекнувањето на независноста. Приликите во политичките партии се рефлексија на општите прилики во државата, односно - колку подемократска е државата, толку подемократски се и внатрешните инструменти на работење на политичките партии“, вели Спасеновски.

„Партиите треба да бидат демократски и состојбата во однос на демократијата, особено во владејачката партија, но и во опозицијата, е индикатор за состојбите во државата“, вели Петров.  

Аналитичарите го критикуваат степенот на демократија

За разлика од ваквите оценки одвнатре, ако се извлекуваат заклучоци од искуството во изминатите 20 години плурализам, состојбата во партиските редови не изгледа многу демократски. Нема фракции, нема отворени изборни листи, нема внатрепартиска дебата, нема судир на концепти. Наместо овие поими карактеристични за развиените демократии во речникот на политичките партии во Македонија се форсираат термините - единство, дисциплина, човек од доверба. Дарко Алексов од „Мост“ со анализа на работата на Парламентот дава опис на степенот на внатрепартиска демократија:

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове Кекеновски: Лидерите најчесто се опкружуваат со свои послушници кои без поговор ја извршуваат секоја задача и идеја на лидеротФотографија: Jove Kekenovski

„Ако го земеме Парламентот како пример, ќе видиме дека многу малку има отстапување на индивидуалните пратеници од ставот на партијата, без разлика дали гласачите кои ги избрале, имаат интерес нивниот претставник во парламентот да има поинаков став од партискиот“, вели Алексов.  

Многу поостар во оценката е универзитетскиот професор Јове Кекеновски:

„Мислам дека партиската демократија или воопшто ја нема, или е сведена на минимум. Лидерите најчесто се опкружуваат со свои послушници кои без поговор ја извршуваат секоја задача и идеја на лидерот.“

Повеќе демократија во СДСМ или во ВМРО ДПМНЕ?

Која партија е подемократска?

„СДСМ и според статусот е многу подомекратска партија во споредба со сите други, особено од ВМРО ДПМНЕ“, вели Петров.

„ВМРО ДПМНЕ е малку понапред од сите други партии, бидејќи успеа да прерасне во политичка партија чијашто иднина во голема мера е определена не од луѓето кои што ја водат, туку од идеите кои се нејзин основен субстрат“, вели Спасеновски. 

Состојбата што ја опишуваат аналитичарите сосема верно се однесува и на внатрепартиската демократија на партиите од албанскиот политички блок.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска