1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократијата исклучена од партиите

Катерина Блажевска20 февруари 2013

Ако нема демократија на партиско ниво, не може да се очекува ни на државно, оценуваат политиколози и аналитичари, во контекст на актуелната политичка криза во Македонија.

https://p.dw.com/p/17h2R
Фотографија: MIA

Партиската демократија е една од ретките теми за која политиколозите и аналитичарите имаат консензус при поставувањето на „дијагнозата": партиите во Македонија се централизирани политички структури со дисциплинирано и рутинирано членство кое се буди на нивен повик секоја четврта година. Поданичката политичка култура е modus vivendi на партискиот живот, а правото на различни мислења и фракции - декор во партиските статути.

Партиската демократијата е еднаква на нула, вели професорот по филозофија, Ферид Мухиќ.

„Исто е и во помалите партии, кои поради поврзаност со големите немаат никакви автономни одлуки. Таквиот однос е од обострана корист за партиите, но од огромна штета за општеството и за државата. Поголемите се чувствуваат моќни, но не и доволно големи, па и најмалата партија добро им доаѓа како логистика. Тоа е, како кога имате пет денари во џебот, не ви вршат работа, ама ги чувате за да се најдат кога ќе ви затребаат", објаснува Мухиќ.

Ferid Muhic, Universitätsprofessor aus Mazedonien
Ферид МухиќФотографија: Petr Stojanovski

Неговиот колега, Љубомир Цуцуловски, не е изненаден од ваквата состојба. „Повторно се потврдува Лениновата теза дека секоја партија функционира според принципот на демократскиот централизам. Односно, секоја партија нужно ограничува. На ова укажува и самиот збор „партија" кој се темели на латинскиот збор „pars", односно „дел". Оттука, не може да се очекува демократија во општеството, сеедно која и каква партија да е на власт, бидејќи неслободата е во суштината на секоја партија. Тие можат да бидат само повеќе или помалку неслободни, што значи дека секогаш ја гушат слободата и автономијата на личноста", смета Цуцуловски.

Статутот им дава моќ

М-р Александар Цеков, истражувач во Центарот за истражување и креирање политики, вели дека силната позиција на лидерите на политичките партии во Македонија е една од клучните препреки за развој на партиската демократија.

„Ваквата состојба е резултат и на огромните овластувања што лидерите ги имаат според статутите, но и поради фактот дека поради поданичката култура силните партиски лидери побргу стануваат доминантни во партијата. Тука може да се додадат и бизнис врските кои дополнително ја јакнат позицијата на лидерите", посочува Цеков.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Централата на СДСМФотографија: MAKFAX

Еден од поакутните проблеми кај политичките партии во Македонија тој го лоцира во фактот дека постои сериозна дискрепанца помеѓу одредбите во Статутите на партиите и нивното делување во практика.

„На пример, последниве случувања во опозициската СДСМ со експресните исклучувања на високи партиски функционери, покажуваат дека пропишаните одредби во Статутот или се заобиколуваат или не се почитуваат во потполност, и уште повеќе, дека партиските тела само аминуваат одлуки од политичкиот лидер. Анализите покажуваат и дека помалите политички партии се уште поцентралистички од поголемите. Ова е делумно резултат на фактот дека партиите главно се идентификуваат со нивниот лидер, а не со идеологијата или квалитетот на понудените идеи и кандидати за јавни функции", укажува Цеков.

Постепена демократизација

Ако внатрепартиската демократија директно придонесува кон развој на демократските процеси во државата, тогаш партиите треба посериозно да се зафатат со внатрешни реформи за да овозможат поквалитетен проток на идеи и на политички фигури на политичката сцена. Но, засега не повидок нема такви тенденции.

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien
Централата на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petar Stojanovski

Според Мухиќ, безнадежната ситуацијата нема да се смени одеднаш. „Не треба да очекуваме ништо во стилот deus ex machina. Дури и ако се појави некоја силна демократска опција, таа брзо ќе биде амортизирана од чуварите на окупираниот политички простор. Работите ќе мора да се менуваат постепено. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и другите партии ќе треба постепено и самоиницијативно да се демократизираат, зашто во спротивно отпорот ќе им дојде од внатре", потенцира Мухиќ.

Има и други начини за еродирање на партискиот централизам, но за нив е потребна силна граѓанска свест. 

„Граѓаните треба да почнат повеќе да се обединуваат околу некоја идеја, отколку околу политичкиот лидер. На тој начин би можело да се намали улогата на политичките лидери и да се децентрализира нивната моќ, а во исто време ќе се развие политичката и пред се, партиската култура", сугерира Цеков.

Во спротивно, молчењето во партијата ќе се претвори во општ молк во државата и по којзнае кој пат ќе го потврди правилото - „no speech, no democracy!".