1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстрантите во Тајланд запоседнаа министерства

АТ/ дпа/афп/ап/дв25 ноември 2013

Жолти кошули повеќе не носат, но гневот им остана: Илјадници демонстранти сакаат да ја принудат на оставка владата на тајландската премиерка Шинаватра. Тие во Бангкок го блокираа сообраќајот и запоседнаа министерства.

https://p.dw.com/p/1AORw
Фотографија: Reuters

Три години по крвавите политички немири во Бангкок нови масовни протести делумно го блокираа главниот град на Тајланд. Водачот на протестите Сутеп Таугсубан, до неодамна пратеник на опозицијата, денеска и покрај масовното присуство на полицијата со стотици приврзаници навлезе во Министерството за финансии и запоседна еден дел од зградата.

Други демонстранти од неговиот табор се упатија кон Министерството за надворешни работи. Портпарол на Министерството изјави: „Повеќе стотици демонстранти ја откорнаа портата и навлегоа во комплексот на Министерството за внатрешни работи.“ Демонстрантите меѓутоа останале во дворот, а не навлегле во зградата на Министерството.

Властите опоменаа дека на демонстрантите им се заканува до осум годишна затворска казна поради запоседнување на министерство.

Илјадници противници на владата со свирки маршираа кон вкупно 13 државни институции како министерства, државниот медиум и централата на армијата. Демонстрантите имаат намера да ги продолжат протестите и утре..

Во омилената туристичка дестинација Тајланд масовните протести засега се ограничени на главниот град Бангкок. „Браќа и сестри дојдете и преноќите во Министерството, за да ги надгледуваме нашите пари од даноците“, напиша Сутеп на Фејсбук. Учесниците на демонстрациите пак извикуваа „Таксин надвор - армијата внатре!“. Опозицијата ги мобилизираше своите приврзаници како реакција на спорниот план за амнестија на владата. Демонстрантите ја обвинуваат владата и за корупција и бараат нејзина оставка. Премиерката Јинглак Шинаватра по седница на кабинетот рече дека владата останува во служба.

Thailand Antiregierungsproteste in Bangkok 25. November 2013
Фотографија: Reuters

Вчера (24.11.) опозицијата изведе 100.000 луѓе на улиците. Тоа беа најголемите улични протести по 2010 година. При тогашните судири загинаа 92 луѓе.

Борба за превласт

Клучна фигура во борбата за превласт е екс-премиерот Таксин Шинаватра, кој беше соборен од власт во 2006 година, и живее во егзил. Неговите приврзаници носеа црвени маици (црвени кошули). Меѓу нив се вбројуваше голем дел од населението од внатрешноста, кои Таксин ги придоби на своја страна со популистички мерки. Таксин и владите блиски до него десет години победуваат на сите избори. Во моментов владее неговата сестра Јинглак, што значи дека црвените кошули денес се владини приврзаници. При крвавите демонстрации во 2010 година тие беа противници на владата, бидејќи тогаш по борбите за превласт во парламентот привремено на власт беше опозицијата.

Противниците на Таксин порано демонстрираа во жолти кошули. Движењето се расформира. Сегашните противници на владата се накитија со траки во боите на тајландското знаме: сина, бела и црвена. Тие се приврзаници на стариот поредок. Елита, силна пред сѐ во Бангкок, која пред Таксин со децении управуваше со земјата.