1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170609 Demonstrationen Teheran

17 јуни 2009

Протестите во Иран продолжуваат. Приврзаниците на губитникот на претседателските избори, реформски ориентираниот политичар Мир Хусеин Мусави, за попладнево најавија нов масовен собир во главниот град.

https://p.dw.com/p/ICFI
ТехеранФотографија: AP

Оној кој сака да дознае какво е расположението на народот во Иран не е доволно само да се најде на вистинското место, каде што се собираат демонстрантите на улиците на главниот град, туку треба да ги отвори ушите и на вечер. Кусо пред 22 часот на покривите на главниот град почнува да ечи спонтано организиран хор од протестни повици.

Невидливи демонстранти

Прво се јавува еден глас, кој во топлото ноќно небо извикува „смрт на диктаторот“. А веднаш потоа илјадници гласови се одѕиваат со истиот повик од соседните покриви. Оние кои мислат дека станува збор за приврзаници на секуларното движење во Иран, значи противници на владеењето на мулите, тој се лаже. Зашто хорот повици по некое време добива и јасно религиозни тонови.„Алах о акбар“ или во превод „Господ е голем“, извикуваат невидливите демонстранти добро затскриени од превезот на ноќта. Гласовите подоцна се претопуваат во игра на зборови, во која се меша религиозното чувство со актуелната политичка ситуација во земјата.

Формални губитници, но морални победници

Хусеин е името на третиот имам на муслиманите, кој за шиитите има голема важност. Тој се обожува како праведен сведок на вистинскиот религиозен пат. Имамот Хусеин се смета за морален победник, иако ја загубил големата битка во градот Кербела во 680-та година од нашата ера, при обидот да застане на чело на исламската заедница. Поврзаноста со актуелната политичка ситуација е двојна: прво, името на поразениот кандидат на претседателските избори е Хусеин, исто како и на имамот. А второ и имамот Хусеин и сегашниот политичар Мир Хусеин Мусави се формални губитници, но морални победници. Така барем сметаат приврзаниците на иранската опозиција, кои по крвавите демонстрации од понеделеникот, во кои имаше и жртви, очигледно бараат други начини да го изразат своето незадоволство од исходот на претседателските избори и можните изборни манипулации во полза на реизбраниот претседател Махмуд Ахмадинеџад. Во меѓувреме и неговите приврзаници, со поддршка на државните органи, организираат противдемонстрации, што само ја зголемува можноста од крвопролевање на улиците на Техеран.

Iran Wahlen 2009 Gewaltsame Ausschreitungen
Фотографија: AP

Автор: Улрих Пик / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема