1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстрација веќе не е туѓ збор во Кина

Гуи Хао22 април 2008

Кина веќе не забранува демонстрации, што може да биде опасен чекор со повратно дејство. Како да се спречи покрај оние што демонстрираат во прилог на владата, да не протестираат и незадоволните?

https://p.dw.com/p/Dm2H
Протести во КинаФотографија: AP

Тибетскиот водач Далај Лама и кинескиот поборник за човекови права Ху Џиа се прогласени за почесни граѓани на францускиот главен град Париз. Советот на градот донесе вакво решение независно од антифранцуските протести во Кина, и токму во моментот кога претседателот Никола Саркози вложува напори за релаксација на односите со Пекинг по инцидентите за време на движењето на олимпискиот оган низ Париз.

На викендот имаше демонстрации во Кина пред француски супермаркети и барања за бојкот на француски стоки. Истовремено Кинезите во странство протестираа против едностраното известување на западните медиуми. Во центарот на Берлин околу три илјади Кинези демонстрираа бранејќи го имиџот на својата татковина. Нив посебно ги нервирало известувањето за Тибет: негативното во Кина германските медиуми го гледаат под лупа, но потребен им е двоглед за да го видат позитивното, вели Хуанг Ќуши, организатор на протестот.

Во Кина се можни само демонстрации кои го истакнуваат патриотизмот

Доктор Гудрун Вакер, експерт за Кина од Фондацијата „Наука и политика“, анализира: „Во основа, на обете страни се искажува неразбирање на другиот. Печатот - како западните медиуми, исто така и кинеските - нуди црно-бела слика, се разбира, спротивно поставена. Но, западните медиуми не ги карактеризира некое посебно големо диференцирање“. Дотолку повеќе, пак, кинеските медиуми, кои дејствуваат како разглас на Комунистичката партија.

„Демонстрација“ веќе не е туѓ збор во Кина, пред се’ ако е насочена против „лошите странци“, а е во прилог на кинеската влада. Интересен феномен, вели Лиу Хсиаобо, спрема режимот критички настроен писател: „Во Кина вообичаено се забранети демонстрации; само оние кои го истакнуваат патриотизмот се толерирани или дури и поттикнувани“.

Истрелот може да биде упатен наназад

Но, зад подршката на такви демонстрации се крие и опасност да се соберат и социјално загрозените групи, што би можело да води кон побуни, оти незадоволството во Кина е се’ поголемо. Јазот меѓу градот и селото, меѓу сиромаштијата и богатството, е се’ поширок. Милиони човечки жртви се спореден продукт на стопанскиот пораст со кинески белег. Така, истрелот би можел во секое време да биде упатен наназад.

Олимписките игри сега нудат идеална платформа за сите кои сакаат нешто да критикуваат. Официјалните кинески медиуми затоа веднаш повикаа на умереност и разум по делумно насилните демонстрации. „Ако се толерира, односно подржува вакво нешто, разбирливо дека е можно ситуацијата и да избега од контрола. Затоа, секогаш е важно тие да се придушат во толерантни граници, што сега очигледно и се случува - настрана што никој ни нема интерес поларизацијата да ескалира дотаму, како што беше во последните недели“ - вели доктор Гудрун Вакер.

На Запад е невообичаено да се демонстрира во прилог на владата

Кинезите демонстрираат за силата на комунистичка Кина и за себе како граѓани на светска сила во подем. Но, критичарот на режимот Лиу Хсиаобо укажува: „Според општото сфаќање на просечен жител од Западот демонстрациите речиси секогаш се насочени против владата, оти луѓето се незадоволни од политичките решенија. Западњаците никогаш не организираат демонстрации за славење на владата, посебно не спонтани. Кинезите во странство сега го прават токму спротивното. Што ќе помисли просечен жител од Западот со оглед на овие демострации?“