1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денарот останува стабилен

11 декември 2009

Гувернерот на НБРМ Петар Гошев во одбрана на високите камати и скапите банкарски кредити: ако банките се лихвари, како е можно сите 18 банки заедно да имаат помал профит од една фирма од нефинансиски сектор?

https://p.dw.com/p/KynO
Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

Господине Гошев, дали стабилноста на денарот е загрозена во блиска иднина?

Гошев: Стратегија на монетарната политика е стабилен девизен курс, како посредна цел преку која што успеваме да ја одржиме стабилноста на цените. Таа политика останува и во наредниот период, оти досега добро и‘ служеше на економијата и нема причини, особено во ова време, да размислуваме за промена на монетарната стратегија.

Со кои аргументи ја браните политиката на неменување на курсот на денарот наспроти тврдењата на извозниците и на некои аналитичари дека девалвацијата би претставувала импулс за македонската економија?


Гошев: Има многу аргументи, Централната банка има направено многу анализи. Централната банка има и искуство со девалвација на денарот во 1997 година од 16,1 процент, која што ништо не донесе и за час ефектите од таа девалвација беа истопени. Прво, девизниот курс не е причина за ниската конкурентност на македонскиот извоз. Понатаму, македонската економија е исклучително увозно зависна. Еластичноста на увозот е многу мала и во случај на таков експеримент би можела многу лесно да се отвори спиралата на инфлација. Трето, македонската економија е многу евроизирана. Поголемиот дел од кредитите на приватниот сектор се или девизни или со девизна клаузула. Замислете што би се случило со одреден процент на обезвреденување на денарот, колку денарскиот долг на компаниите би се зголемил и дали тие би биле во можност да ги враќаат кредитите. Валутниот ризик би се трансформирал во кредитен ризик, преку компаниите би се трансформирал во ризик за банките. Истовремено би се зголемил вкупниот долг на приватниот и јавниот сектор во денарски изноз за толку за колку што би се случила евентуална депресијација на домашната валута. Вкупниот надворешен долг во овој момент е над 3, 5 милијарди евра. Било кој процент на девалвација би го зголемил долгот и товарот за економијата и за државата.

Што мислите за критиките на одредени стопанственици дека банките имаат лихварски камати и го уништуваат стопанството?

Гошев: Ја слушам таа оценка. Ако е таа оценка за нашите банки, тогаш е таа оценка за сите банки во светот. На сите им се чини дека банките најлесно заработуваат пари. Во Македонија банките не прават големи профити.

Тоа не се анализира педантно. Зошто критичарите не се прашаат како е можно 18 банки во Македонија заедно да имаат далеку помал профит од една компанија во нефинансискиот сектор?

Дали банките ја злоупотребуваат кризата да ги задржат сегашните високи каматни стапки? Вие ги намаливте каматите, но деловните банки велат дека е тоа недоволно за да ги поефтинат кредитите?

Гошев: Ако има поголема понуда на кредити од побарувачка, каматите ќе почнат да паѓаат. Ако кај банките се зголемуваат депозитите како извор на средства, тие ќе имаат повеќе капитал и ќе нудат повеќе пласмани. Тоа ќе биде еден од факторите што ќе ги придвижи каматите надолу.

Презадолжен ли е македонскиот граѓанин?

Гошев: Долгот на домаќинствата се зголемува. Како учество во БДП тоа не е високо ниво, но динамиката на раст на долгот е прилично интензивна и се разбира секој треба да води сметка за својот капацитет за да не се доведе во ситуција банките да му запленуваат имот.

Ќе поефтинат ли кредитите во 2010?

Гошев: Тоа ќе зависи од вкупната економија. Тоа не е едноставно да се прогнозира. Ако има опоравување, ако девизниот пазар ги задоволува стандардите преку кои што се оценува неговата стабилност, доколку не се зголемува дефицитот на тековната сметка, доколку приливите бидат задоволителни, можат да се создадат услови за намалување на каматите.

Каква економска година ја очекува Македонија во 2010? Какви се проекциите на Централната банка во однос на клучните параметри?


Гошев: Проекциите говорат за можен раст на БДП помеѓу 1 и 2 проценти, поблиску сме до 1 отколку до 2 процента. Засега нашите проекции се движат во тој интервал за можен раст.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска