1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска во Келн почнува големиот Собир на католичката младина од целиот свет

16 август 2005

До сега пристигнаа 400.000 млади од 193 земји, за кои попладне во 17 часот ќе се одржат свечени богослужби и тоа во повеќе цркви во Келн, Бон и Дизелдорф. Очите на сите меѓутоа се свртени кон доаѓањето на Папата Бенедикт 16-ти, кој од четврток ќе им се придружи на младите верници.

https://p.dw.com/p/AcDM
Учесници од Мексико пред Келнската катедрала
Учесници од Мексико пред Келнската катедралаФотографија: AP

Улиците, плоштадите и железничките станици во трите града по течението на реката Рајна од вчера драстично го изменија својот лик. Станаа многу пошарени, пораздвижени и далеку пополни од вообичаеното. И не само што се слушаат многу различни јазици, што се веат знамиња на голем број странски земји, туку изменет е и духот. Наместо деловно-прибраниот менталитет на Германците се всели некоја невообичаена раздвиженост, некој свеж ветер на елан, на разбуденост. Само една сликичка од многуте: железничката станица во Бон вчера попладне ечеше од гласни песни. Кој друг, освен гостите од Италија, кои патем речено се и најбројната национална група на Собирот на католичката младина во Келн! Штотуку излегоа од огромната композиција се заори громогласна песна по перонот и наеднаш се исцртаа зачудени гримаси на лицата на домашните патници, кои ги чекаа возовите за да си одат дома по работното време.

На Собирите на католичката младина и иинаку често се пее. Така беше вчера и во Бон, каде повеќе од 10.000 аџии се собраа да го прослават Денот на Успението на Света Марија, 15. август. Свештеникот Вилфрид Шумахер го претвори силниот дожд што се слеа токму спроти почетокот во благослов со „света од вода„ од Бога и ги орасположи учесниците на прославата пред зданието на Универзитетот во Бон.

„Драги сестри и браќа, зад вас на фасадата на Универзитетот, на трон седи Марија, Кралицата на мирот веќе цели 260 години. Мадоната со Исус ги надживеа сите катастрофи и сите војни„ – порача свештеникот, појаснувајќи дека статуата на Марија го преживеа и големиот пожар во 1777, обидот да ја урнат со јажиња и шест коњи во 1797, како и сите бомби од Втората светска војна. Таква е и верата на христијаните во Бога, цврста и непоколеблива.

До учесниците на Светскиот собир на католичката младина во Келн се обрати со видео порака и генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, кому не му е толку до религијата, туку до развојната помош и христијанското милосрдие кон најсиромашниот на оваа планета.

„Дневно умираат по 30.000 деца од последици на сиромаштија. Секој ден по 7000 млади се заразуваат со сида. Јас знам дека вие не прифаќате таков свет во кој чуѓето гладуваат до смрт, каде остануваат неписмени и каде човечкото достоинство е безвредно!„

И ваквите пораки на светските државници имаат место на Светските собири на католичката младина, бидејќи тие немаат исклучително религиозен карактер, туку повеќе фестивалски, славенички. Така синоќа во Келн, Бон и Дизелдорф младите од целиот свет за добредојде ги дочекаа концерти на музички групи, како и големи огномети. А во рамките на Собирот од денеска па се‘ до недела се организираат и бројни уметнички изложби и други културни проекти.

Тоа сепак не значи оти младите ќе заборават зошто се дојдени во Келн. Покрај заедничките молитиви, исповеди и дискусии за сите горливи прашања за секој христијанин денес, сите учесници ќе добијат можност да дојдат на поклонение пред светите мошти на трите Свети Крала, што се чуваат во златниот ковчег во Келнската катедрала. Таму в четврток на заедничка миса ги очекува и Папата Бенедикт 16-ти. А кулминација на повеќедневниот светски собир е заедничката миса со Папата под отворено небо в недела наутро. На завршницата - организаторите очекуваат преку 1 милион учесници!