1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска започнува зимската параолимпијада

Клаудија Зименс10 март 2006

Борилиштата на неодамнешната зимска олимпијада во Торино повторно ќе заживеат. Олимпијадата на спортисти-инвалиди ќе трае до 19-ти март

https://p.dw.com/p/Aej7
Медалите за параолимпијадата
Медалите за параолимпијадатаФотографија: AP

Настапите на спортисти-инвалиди се одржуваат од 60-тите години на минатиот век и секогаш во истата година со олимпијадата, но неколку недели подоцна. 37 претставници од Германија се веќе во Торино, самоуверени и мотивирани да докажат какви високи спортски постигнувања се во состојба да прикажат и покрај телесниот хендикеп.

Еден од германските параолимпијци е Герд Блајдорн, член на германска селекција во слеџ-хокеј на мраз, која за прв пат учествува на зимската параолимпијада. Иако инвалид без обете нозе, тој е воодушевен од спортот: „Тоа е исто како и кај секој друг спортист: олимписките игри, односно параолимпијадата, се највисоката спортска цел воопшто, поважна и од светско или европско првенство“.

Германската репрезентација во слеџ-хокеј на мраз се квалификува за параолимпијадата со освојувањето на титулата европски првак. Во што се разликува тој од обичниот хокеј? „Тој е како и обичниот хокеј, но ’еден кат пониско‘. Тоа значи дека ние играчите седиме на санки, имаме две палки со спајкови на краиштата, за со нив да можеме да ја туркаме санката по мразот, а тие служат и за играње. Ние играме три третини по 15 минути. Се’ друго – правилата и теренот, се идентични со обичниот хокеј на мраз“ – објаснува Блајдорн.

За него ова ќе биде веројатно последна можност да освои и олимписки медал – со 47 години тој е еден од „старците“ во тимот. Затоа сака да даде се’ од себе за да се врати со трофеј. Во секој случај, Герд Блајдорн и’ се радува на параолимпијадата: „Свеченото отворање и затворањето секако ќе бидат голем настан. Но, најмногу би се радувал да се најдам на подиумот и да ми биде врачен медал“.