1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска тргнуваат бродовите на германската морнарица за Либан

21 септември 2006

Само ден по заклучокот на Парламентот, денеска тргнуваат бродовите на германската морнарица кон Либан, каде во рамките на мисијата на ОН треба да го спречат шверцот на оружје за Хезболах милицијата.

https://p.dw.com/p/Adx7
Два од четирите брзи брода што заминуваат во мисијата за Либан
Два од четирите брзи брода што заминуваат во мисијата за ЛибанФотографија: picture-alliance / dpa

Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг свечено ќе ги испрати двете фрегати и четирите брзи бродови од военото пристаниште во Вилхелмсхавен.

Бродовите со вкупно 1.000 морнари се очекува да пристигнат во територијалните води на Либан за 10 до 14 дена. Во меѓувреме таму патролираат бродови на сојузниците како Франција и Велика Британија. Владата на Либан го смета доаѓањето на германската морнарица како поддршка во спроведувањето на контролата над територијалните води, бидејќи Либан нема вистински поморски сили.

„Ние немавме вистинска морнарица, туку само осум мали и застарени бродови, кои се лошо опремени и немаат радар. А со радарите на копно што ги преживеаја нападите на израелската армија би можеле да контролираме најмногу шест морски милји и тоа само кога е убаво времето„ – појаснува министерот за внатрешни работи Ахмед Фатфат.

Што се однесува пак до расположението кај либанското население во однос на сините шлемови, Фатфат оценува:

„Еден дел од Либанците со негодување гледа на улогата на силите УНИФИЛ, но поголемиот дел ги поддржува. Бидејќи сакаме мир и се надеваме дека вака нема наскоро повторно да има војна. Најголемиот дел од Либанците бараат УНИФИЛ да одигра таква улога.„