1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деновите кои ја променија Бугарија

Татјана Ваксберг
11 јануари 2017

Во Бугарија се одржале многу протести, но само едни доведоа до целосна и трајна промена во државата. Тоа се протестите од 10 и 11 јануари 1997 година по кои Бугарија конечно се сврте кон Западот, пишува Татјана Ваксберг.

https://p.dw.com/p/2VcAV
Bulgarien Antikommunistische Opposition
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ги паметите ли професорите кои носеа ливче на реверите на кои пишуваше „3$“? Толкава беше месечната плата на предавачите на Софискиот универзитет на почетокот на 1997 година, кога инфлацијата во земјата веќе достигнуваше 400 проценти.

Протестите, од кои минаа 20 години, никогаш не добија некаков амблем или мото, но ако треба да им се даде некаков симбол, тоа треба да биде токму она ливче на реверите на зимските палта.

Речиси и да не постои друг период во бугарската историја за кој опшественото мислење е толку единствено. Владата на Жан Виденов (БСП) успеа да го постигне она што не му појде од рака дури ни на Живков - да предизвика консензуален негативен отпор кон сѐ што направи. На крајот на 1996 година, по двегодишно владеење на кабинетот „Виденов“, Бугарија изгледаше вака:

Државата минуваше во истовреме низ житна и низ банкарска криза. Во неколку месеци пропаднаа 15 банки, а инфлацијата ги стопи долговите на кредитните милионери. Државните претпријатија се повикани да не ги плаќаат своите долгови. Притисната е кочница за развојот на пазарната економија, а владата започнува да ги контролира цените на сѐ повеќе стоки. Притоа, се воведува нешто кое историчарите денес го дефинираат како модификувана форма на централно планирање. Се охрабрува истурањето пари во државните претпријатија, а профитот во тие фирми им е оставен на економски групации.
Оддалечувањето на Бугарија од светот станува факт, иако формално е поднесено барање за членство во ЕУ. Организации како Светската банка, ММФ, структурите на ЕУ и НАТО се прогласуваат за колонизаторски, а ксенофобниот речник на членовите на кабинетот е дополнет со обвиненија за „одроди“ до секој, кој апелира за отворање на државата кон вредностите на демократскиот свет.
На 10 јануари 1997 година, Бугарија се наоѓа и во политичка криза - Владата веќе поднесе оставка, но луѓето на улиците сакаат да го спречат формирањето на нова социјалистичка влада. Парламентот е опкружен од демонстранти. За да се разбие протестот, владата во оставка ја повикува на помош полицијата од другите градови. Ноќта на 10 кон 11 јануари, полицијата ги извлекува пратениците со автобуси и претепува десетици демонстранти, меѓу нив и новинари и опозициски пратеници.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Tatiana Vaksberg
Татјана ВаксбергФотографија: DW/P. Henriksen

Како се промени Бугарија

Иако е ориентиран кон внатрешни проблеми, протестот од 1997 година води до целосен пресврт во бугарската внатрешна и надворешна политика. Парламентот ќе изгласа декларација со која ги прогласува за приоритети членството во ЕУ и НАТО, за што постои национален консензус. Приватизацијата и преодот кон пазарна економија стануваат неотповиклива цел. Вратена е финансиската стабилност, иако по цена на загубен финансиски суверенитет поради валутниот борд.

Ниту еден протест во поновата бугарска историја не води до толку целосна и трајна промена на изгледот на државата. Без оглед што некои други протести беа и побројни, понекогаш и поромантични и честопати попознати. Протестите од 1990 година, на пример, беа први чекори на патот кон демократизацијата на државата. Протестите од 2001 беа бунт против системот и против партиите, но сепак имаа партиски печат. Протестите од 2013 беа против високите цени, но наместо пад на цените доведоа до оставка на една влада која и онака беше во заминување.

Конечно, како и да гледаме, генералните протести од 1997 доведоа до најголемиот пресврт од 1989 година наваму.