1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

,,Денови на македонскиот филм“ во Виена

24 ноември 2005

Во австрискиот главен град се одржа манифестацијата ,, Денови на македонскиот филм во Австрија“ , со што за прв пат виенската публика ги виде остварувањата на македонскиот филм по стекнувањето на независност на земјата.

https://p.dw.com/p/AeU0
Во Австрија се гледаа филмови за македонскиот живот и култура
Во Австрија се гледаа филмови за македонскиот живот и култураФотографија: dpa

На програмата на четиридневната манифестација, се најдоа вкупно 9 македонски филмови, продуцирани во последните десет години, кои со учеството на меѓународните филмски фестивали и освоените награди станаа дел од креативната европска кинематографија.

Ова беше шанса во темната кино сала гледачите да отпатуваат во Македонија и да го запознаат духот на македонскиот човек, да бидат збогатени за еден далечен- близок свет и за неговите искуства донесени низ виталната и искрена македонска кинематографија.

Виенската публика, меѓудругите, ги погледна ,, Пред Дождот“ на Милчо Манчевски,, ,, Џипси Меџик“ , во режија на Столе Попов, ,, Како лош Сон“ на Антонио Митрически, ,, Илузија“ на Светозар Ристовски, ,,Големата Вода“ на Иво Трајков, ,, Балканкан“ на Дарко Митревски и ,, Бубачки“ на Игор Иванов Изи.

За Дојче Веле, филмскиот критичар од Виена, Душко Димитровски вели:

,, Главен организатор на оваа манифестација е Култур Контакт од Виена, а реализацијата беше на моја идеја и на македонското министерство за култура. Повод беше тоа што во Австрија живеат околу 10 илјади Македонци, само во Виена се 5 илјади, а никогаш досега немало презентација на македонскиот филм. Досега тие беа презентитани во склоп на балканските филмови или заедно со оние од државите на ЈИЕ, но никогаш во историјата од осамостојувањето на македонската држава немало презентација на македонските филмови.“ вели Димитровски.

Презентацијата на македонските филмови наиде на голем одзив кај виенската публика. Најголемо интересирање предизвика ,,Пред Дождот“, филм кој што доби Златен Лав на фестивалот во Венеција и кој пред неколку години беше номиниран за Оскар како еден од филмовите на странси јазици. Големо внимание привлече и ,,Џипси Меџик“ на Столе Попов, кој е еден од најпознатите режисери, не само во Македонија туку и на просторите на некогашна Југославија.

,,Освен тоа публиката имаше шанса да види и пет филмови на младите режисери . Манифестацијата беше отворена со филмот ,, Како убив светец“ на младата Теона Митевска, кој е прогласен за најдобра режија на фестивалот во Линц минатата година“ додава Душко Димитровски.

,,Филмот на Митевска ја опишува сегашната ситуација во Македонија и многу е критичен кон тоа како меѓународните организации гледаат на ситуацијата во земјата. Станува збор за едно момче кое не разбира што се случува околу него, гледајќи ги многуте меѓународни претставници во Македонија. Филмот е критички настроен, но сепак со нота на хуманост, за тоа како младите луѓе и покрај големиот број пречки се обидубваат да го нормализираат животот во земјата.„

Најважно е што на деновите на македонскиот филм во Виена не дојдоа само Македонци, туку и Австијци, како и луѓе по потекло од балканските земји, кои многу многу добро ја познаваат ситуацијата во подрачјата на некогашна Југославија.

По успехот на манифестацијата во Виена, се размислува таа да стане традиционална, се раѕбира доколку се обезбедат финансии за таков проект. Исто така, идната година, манифестации од ваков тип се предвидени да се организираат во Германија, Канада и Австрија.