1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Денот на заминувањето“ во Каиро минува мирно

4 февруари 2011

Десетици илјади Египќани повторно се собраа во центарот на Каиро. Како и во текот на ноќта, и денеска на плоштадот Тахрир е главно мирно и нема трага од организираните поддржувачи на претседателот Хосни Мубарак.

https://p.dw.com/p/10Ana
Анти-владините демонстранти извикуваат пароли на денешниот протест на плоштадот ТахрирФотографија: AP

Илјадници луѓе денеска (04.02) се слеваат кон центарот на Каиро за да го засилат повикот до шефот на државата да ја напушти власта. Овој единаесетти ден од протестите тие го нарекоа „Ден на заминувањето“, на кој истекува нивниот ултиматум до претседателот Мубарак да се повлече од власта.

За разлика од претходните два дена, состојбата на плоштадот Тахрир, епицентарот на протестите, денеска е помирна и нема извештаи за судири.

Министерот за одбрана на плоштадот Тахрир

Ägypten Proteste in Kairo auf dem Tahrir Platz
Војската има поставено барикади од бодликава жицаФотографија: AP

Пристапите до плоштадот се контролирани од војската, која го има опколено плоштадот со оклопни возила и има поставено бариери од бодликава жица. Хеликоптери го надлетуваат плоштадот, а десетици амбулантни возила се паркирани во близина. По традиционалната петочна муслиманска молитва во џамиите, демонстрантите изведоа и специјална молитва на плоштадот во спомен на оние кои досега загинаа во протестите. Илјадниците демонстранти денеска повторно извикуваа дека нема да заминат од центарот на Каиро се‘ додека не бидат исполнети нивните барања.

Претпладнето војниците кои го надгледуваат плоштадот Тахрир ги посети и египетскиот министер за одбрана Хусеин Тантави. „Армијата и луѓето се обединети“ почнаа да извикуваат демонстрантите откако дознаа дека министерот е на плоштадот.

Засилен притисок врз Мубарак

Во меѓувреме, претставници на американската влада соопштија дека САД преговараат со високи претставници на египетската влада, претседателот Хосни Мубарак веднаш да се повлече од функцијата. Освен ова, на преговорите станувало збор за формирање преодна влада, која би требало да подготви слободни и фер избори во текот на годинава.

Ägypten Proteste in Kairo auf dem Tahrir Platz
Демонстрантите денеска се молеа во спомен на жртвите на протеститеФотографија: AP

За разлика од САД, лидерите на ЕУ засега не бараат итно повлекување на египетскиот претседател Хосни Мубарак. Координаторот на европската надворешна политика Кетрин Ештон на почетокот на самитот на ЕУ во Брисел посочи дека е од решавачка важност египетското раководство да изготви план за организиран пренос на власта за да се создаде доверба кај граѓаните на земјата:

„Ние бевме јасни во се’ што кажавме во однос на тоа колку е важно луѓето на Египет и египетската влада заеднички да се придвижат кон решение. Апсолутно е неопходно да видиме придвижување кое ќе помогне Египќаните да се чувствуваат сигурни дека постои некаков план“, рече Ештон.

Германската канцеларка Ангела Меркел, пак, денеска, воочи самитот порача:

„Бараме и очекуваме египетските сили за безбедност денеска да се погрижат за непречено одвивање на мирни и слободни демонстрации“, рече Меркел.

Автор:СН/БГ/афп/ртре/дв/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска