1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на албанското образование

Свето Тоевски7 март 2013

Албанците во Македонија го одбележуваат 7. март, како ден на образованието на својот мајчин јазик, како и сите други нивни сонародници на Балканот. Еспертите сметаат дека Македонија прави многу на овој план

https://p.dw.com/p/17sbc
Фотографија: DW/A. Muka

Во 1887 година на 7. март во градот Корча во Албанија било отворено првото училиште на албански јазик воопшто на Балканот и отттогаш тој датум во оваа земја, но и во сите други, каде што живеат припадници на албанскиот етникум, се одбележува како „Ден на учителот“ и „Ден на албанското образование“. По овој повод денес и во Македонија етничките Албанци во училишните средини организираат свечени академии и низа други пригодни манифестации. Такви академии во текот на овој ден ќе бидат одржани и во двата универзитета во Тетово со настава доминантно на албански јазик: во Државниот универзитет и на Штуловиот универзитет. Само во нив денес настава следат околу 21 илјада студенти вкупно на 16 факултети, акредитирани од соодветните институции на Владата на Република Македонија. Изминатиот месец беше предаден во употреба новиот најсовремен објект за изведување на наставата во Државниот универзитет во Тетово, како инвестиција од 10 милиони евра од државниот буџет.

Денеска кога Албанците го одбележуваат „Денот на образованието на албански јазик“ се актуелизира и прашањето: што направи Македонија како држава во целина за образовната еманципација на оваа етничка заедница во изминативе години? Но, и кои проблеми остануваат како нерешени?

Хамит Џафери од катедрата за албански јазик на Штуловиот универзитет во Тетово, вели: „Како мултикултурна држава, во последните 10 – 15 години Македонија направи позитивен чекор во сферата на едукативните потреби на албанската етничка заедница. Не можеме да кажеме дека во образовната еманципација не е направено ниту малку, па ни многу, бидејќи е таа процес, кој е во тек. Со дејствувањето на Универзитетот на Југоисточна Европа, кој внесе еден нов дух во високото образование на Албанците во земјата, па и со признавањето на Државниот универзитет во Тетово, се покажаа како правилни барањата на оваа етничка заедница за постоење вакви високообразовни институции. Оти, на Македонија, како на држава што се стреми да влезе во европската Унија, и се потребни едуцирани луѓе. Затоа велам дека има видни резултати во процесот на високото образование, и во образовната еманципација. Но, пред земјата и натаму стојат потреби и предизвици на овој план. Меѓу другото, и затоа што високото образование треба да се засновува врз стандарди на европско ниво. Секогаш тежнееме кон овие стандарди во образовниот систем, меѓутоа се уште се соочуваме со низа проблеми од кадровски, материјален и стручен карактер.“

Нухи Дардишта, претседателот на Сојузот на наставници – Албанци во Република Македонија, истакнува: „Постигнати се позитивни резултати, покрај другото и со оглед на тоа што порано образованите Албанци не можеа да се вработат и да работат во Македонија. Во поранешниот систем тие мораа да бараат работа во Косово, бидејќи овде не ги примаа, таква беше тогаш комунистичката политика. Сега сите тие се враќаат и работат, отворени се и универзитети и тоа е позитивно, знак дека се оди напред. Но, кога говориме за образованието на албанскиот етникум, мора да се укаже на еден од најголемите проблеми: бројот на учениците во една паралелка во основното и средното образование.“

Buchmesse in Tirana Albanien
Фотографија: DW/Arben Muka

„Паралелки и со 40 ученици

Тој дополнува: „Како Сојуз секогаш сме предложувале да се респектираат европските стандарди и таа бројка да се движи од 17 – 25 ученици. Меѓутоа, во албанските паралелки во многу основни и средни училишта се надминува и законскиот максимум од 34 ученици, при што во нив се достасува дури и до 40 ученици. Во единствената гимназија на албански јазик ’Зеф Љуш Марку’ во Скопје и во гимназијата ’Кирил Пејчиновиќ’ во Тетово имаме 5 – 6 илјади средношколци, кои се, главно, од албанската етничка заедница. Во некои од средните училишта на нејзиниот јазик настава се изведува во две, па и во три смени! Во Скопје во 1991 година имаше само 4 средношколски паралелки само со 180 ученици, а денес веќе во 13 средни училишта во овој град имаме паралелки на албански наставен јазик. Вториот проблем се инвестициите во училиштата на албански наставен јазик. Тие се стари и во нив нема услови за работа.“

Пред неколку дена министерот за образование Панче Кралев информираше дека во голем број на општини во земјата веќе се изградени и се реконструирани повеќе од 260 училишта. Се планираат инвестиции за реконструкција за уште околу 170 училишта, како и доградба или целосно нова изградба на вкупно 19 училишта. Во овие образовни институции се наоѓаат и оние во кои наставата се следи на албански јазик.

Валбона Несими – Тоска, раководител на катедрата за албански јазик и книжевност во државниот Филолошки факултет во Скопје, заклучува: „Чествувајќи го 7 март, денот на образованието на албански јазик, сите имаме должност образовните прашања континуирано да ги унапредуваме согласно со современите текови. Акутен проблем поодделно во високото образование воопшто, па и во рамките на високото образование на албански јазик, е евидентната експанзија која, секако, оди на штета на квалитетот. Образованието од страна на власта само декларативно се третира како приоритет. Само видете ги процентите од издвоените средства од буџетот за оваа намена! Постојано заостануваат зад просекот на европските држави. Реализацијата на поставените цели во рамките на високото образование не оди лесно. Имам впечаток дека кај нас се се третира во рамки на траењето на власта. Овде недостасува јасна и долгорочна визија.“

Universität von Tetovo, Mazedonien
Универзитетот во ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Соговорниците на ДВ укажуваат дека дел од решавањето на образовните потреби на албанскиот етникум е и тоа ресорното министерство за образование, конечно, да издаде дозвола и во Македонија да може да се користат унифицираните буквари и учебници по историја и за други наставни предмети – учебници, какви што ќе се користат од страна на албанските ученици и во Албанија, Косово и други држави населени со Албанци. Од македонското министерство за образование и натаму нема „зелен сигнал“ за користењето на тие учебници. Претседателот на Сојузот на наставници – Албанци, Дардишта е, сепак, уверен дека „веќе од први септември 2013 година таквите учебници ќе бидат во рацете на учениците – Албанци и во Македонија“.