1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ден на болка и срам“

Тилман Клајнјунг / Елизабета М. Фиданоска4 октомври 2013

Во несреќата со запалениот брод полн со бегалци пред брегот на Лампедуза, загинаа најмалку 130 лица. Трагедијата во Италија предизвика жестока дебата за политиката кон бегалците, во која се вклучи и папата Франциско.

https://p.dw.com/p/19tV8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лампедуза е поблиску до Африка отколку до Европа. Малечкиот средоземноморски остров затоа е првата цел на бегалците кои со бродови тргнуваат од брегот на северна Африка. Жителите на Лампедуза имаат доживеано и преживеано многу - спасување во последна минута, преполни приемни центри, луѓе полни со очај и надеж. Но досега никогаш немало трагедија со вакви размери, изјави градоначалничката Џуси Николини. „За нашата земја и за Европа ова е ден на болка и срам. Ова не може да се поправи. Сега не треба само да се оплакуваат мртвите, да се извлечат од бродот и да се погребаат. Сега треба да се спречат вакви трагедии, нешто треба да се промени“, нагласи таа.

Извиците за помош се слушале на копно

Вчераутро (03.10) преполниот брод, на кој имало околу 500 бегалци, потона пред брегот на Лампедуза, откако во него избил пожар. Потона на само неколку стотини метри пред брегот. Еден рибар слушнал извици за помош и веднаш тргнал со своето бротче во таа насока. „Сцената беше драматична. Сите тие луѓе со испружени раце кои врескаат за помош... ужасно. Веднаш ја повикавме крајбрежната стража и на своето бротче качивме онолку луѓе колку што можевме.“ Тој спасил 47 луѓе. Од водата можело да бидат извлечени 155 живи бегалци.

Flüchtlingsdrama vor Lampedusa, Italien
Фотографија: Reuters

Денеска потрагата по исчезнатите продолжува. Нуркачите зборуваат за околу 100 тела кои сѐ уште се во потонатиот брод. Ова е најстрашната трагедија откако луѓе се обидуваат преку Средоземното Море да стигнат од Африка во Европа. Меѓу загинатите има многу жени и деца. Најмладата жртва е тримесечно бебе.

Во понеделникот (30.09), пред брегот на Сицилија загинаа 13 луѓе. „Тоа е невозможо. Толку близу до брегот да потоне брод и да умираат луѓе е неприфатливо. Тоа не смее да се случува“, изјави Томасо дела Лонга од италијанскиот Црвен крст.

„За тоа имам само еден збор - срамота“

Папата Франциско, кој беше во посета на Лампедуза во јули годинава, рече: „За тоа имам само еден збор - срамота!“ Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано во едно интервју за радио Ватикан изјави дека и тој смета оти е срамота тоа што се случува. Но не смее сѐ да остане само на зборови. Наполитано побара преипситување на законите: „Кога со текот на годините се воведуваат законски норми кои спречуваат спасување и солидарност, тоа мора да се промени.“

Papst Franziskus Lampedusa Flüchtlinge Italien
Папата ја посети Лампедуза во јулиФотографија: Reuters

Претставниците на хуманитарните организации бараат коридори за да им се овозможи на бегалците безбедно патување кон Европа. Италијанскиот министер за внатрешни работи Анџелино Алфано, наспроти тоа, е за повеќе контроли и смета дека тука на потег е Европа: „Сакаме да се зајакне агенцијата на ЕУ Фронтекс и нашиот брег да биде подобро контролиран. Европа мора повеќе да го користи ваквиот систем. Тоа е европска граница.“

Од почетокот на годинава во Италија пристигнаа повеќе од 22.000 бегалци, или три пати повеќе отколку во целата 2012-та.