1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дер Шпигел: Скопје тоне во кич

Б. Георгиевски/шпигл/велт12 ноември 2013

И покрај тоа што македонската економија тоне во криза, владата инвестира огромни суми во проект за престиж: преобразба на главниот град Скопје со бомбастични палати и златни статуи, пишува германскиот неделник.

https://p.dw.com/p/1AFq3
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Скопје има ново обележје. Околу 30 метри висок споменик со цена од 10,5 милиони евра. Споменикот на плоштадот Македонија во срцето на градот е исто толку автентичен како и изградениот Канал Гранде во Лас Вегас. Недалеку оттаму позираат други херои од турбулентната македонска историја, но не секогаш добро изработени, го опишува репортерот на Дер Шпигел новиот изглед на центарот на Скопје.

Преобразбата не е завршена. На бројни фасади можат да се видат скелиња: зградите добиваат нова „глазура“. Локалните медиуми ова дипломатски го нарекуваат „барок“ или „неокласицизам“. Архитектонските критичари говорат за „историски кич“.

Радикалната преобразба, владејачката национал-конзервативна ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува Скопје 2014. Официјално, проектот, во кој се вклучени и нов театар, згради на министерства и триумфална капија, чини 207 милиони евра. Според критичарите, тоа е невозможно. Тие сметаат дека псевдо-барокот чини најмалку двојно повеќе.

Се говори и за големи злоупотреби и прекршување на законот при доделувањето на договорите за изработка на спомениците. Но, македонските медиуми се претпазливи.

„Премногу критика може да ве чини работно место. ВМРО-ДПМНЕ веќе долго ги држи медиумите под контрола“, вели еден новинар, кој инсистира на анонимност. Монументалниот стил на Скопје 2014, не без причина, потсетува на авторитарен режим.

Невработеност и катастрофална економија

Натаму во текстот Шпигел информира и за случајот со затворениот новинар Томислав Кежаровски, затворените критички медиуми, како и за бројните критики кои македонските власти ги добиваат од претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ и од други медиумски организации.

Магазинот наведува дека економската состојба во државата не создава предуслови за изградба на триумфални порти - напротив. Се набројуваат огромната невработеност, која меѓу младите достигнува и 50 проценти, како и ниските плати со кои и оние кои работат едвај го преживуваат месецот. Се набројува и лошата состојба во болниците, како и на универзитетите. „Но Владата очигледно има други приоритети“, коментира Шпигел.

Со доза на иронија, Шпигел ги информира своите читатели за статуата на Прометеј, која најпрво била „разголена“, но подоцна добила гаќи.

Преку младите архитекти Боро Гаџовски и Филип Дубровски, Шпигел натаму ја раскажува историјата на постземјотресно Скопје и планот на јапонскиот архитект Кензо Танге за негова реизградба. Градскиот трговски центар е претставен како последен бастион на архитектурата од тоа време, кој денес го бранат десетици млади луѓе, противејќи се на тој начин на планот на владата да стави барокна фасада и на него.

Но, протестите на овие млади луѓе не е она што ги плаши творците на Скопје 2014, заклучува Шпигел. „Новите згради се изградени премногу блиску до течението на реката. При пораст на нивото на реката се закануваат оштетувања“, вели Боро Гаџовски.

На своите читатели, германскиот магазин им нуди и фотогалерија од проектот Скопје 2014. Во легендите под фотографиите се заклучува дека „уметничкиот концепт на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во најмала рака е пријателски настроен кон коњите“.

Грција го преживеа гласањето

Весникот „Ди Велт“ ја анализира состојбата во Грција по неуспешниот обид на опозициската Сириза да ја урне владата преку гласање доверба во парламентот. „На крајот загубија и едните и другите“, заклучува весникот, оценувајќи дека владејачката коалиција на Неа Демократија и Пасок ја зачувала власта, но загубила уште еден пратеник во парламентот. Нејзиното мнозинство во парламентот сега е само четири пратеници, од вкупно 300 колку што брои законодавниот дом.

Од друга страна, во обидот да ја урне владата, левичарската Сириза влезе во сојуз со фашистите и комунистите. „Сириза влезе во коалиција со екстремните партии. Колку овој сојуз ќе им се допадне на гласачите ќе се дознае на изборите во 2016. година, затоа што по последното гласање е јасно дека предвремени избори нема да има“, заклучува Ди Велт.