1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170809 Inguschetien Anschlag

17 август 2009

Во рускиот конфликтен регион Северен Кавказ беше извршен најкрвавиот самоубиствен бомбашки напад во изминативе години. Загинаа најмалку 19 лица, но се стравува дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.

https://p.dw.com/p/JCsq
Поглед од срушената полициска станица во ИнгушијаФотографија: AP

Спасувачките екипи очајно се обидуваат да извлечат уште некој преживеан од под урнатините на полициската станица. Шансите се мали. Зданието беше урнато до темел. Акцијата ја попречуваат и постојаните експлозии, бидејќи пламените стигнаа и до магацинот за муниција.

Колку жртви однесе самоубиствениот напад во главниот град на Ингушија, Назран, се` уште никој не може точно да каже. Последната бројка изнесува деветнаесет мрви. Околу седумдесет се тешко повредени, а меѓу нив има и деца.

Бомбашот очигледно сакал да постигне што е можно поголем број на цивилни жртви. Тој утринава (17.08.2009) се обидел со помал камион, натоварен со експлозивен материјал, да влета во полициската станица, каде во тој момент имало прозивка на присутните. При ударот во портата, сторителот ја активирал бомбата, чија експлозивна моќ изнесувала околу педесет килограми ТНТ. Во експлозијата настрадале и соседната зграда, како и повеќе канцеларии во близина.

„Државното обвинителство веќе подигна обвинение поради обид за убиство на припадници на безбедносните сили, поради убиство и поради нелегално поседување оружје“, изјави портпаролот на државното обвинителство.

Рускиот претседател, Дмитри Медведев, му препорача на министерството за внатрешни работи на Ингушија да ги затегне безбедносните мерки.

Никој не знае кои се бунтовниците

Viele Tote bei Anschlag in Inguschetien
Полициската станица беше срушена до темелФотографија: AP

Претседателот на Ингушија, пак, Јунус-Бек Евкуров, кој пред кратко време самиот за малку не загина во атентат, ги обвини бунтовниците за денешниот напад. Ова е уште еден обид да се дестабилизира Северен Кавказ, истакна Евкуров. Тој додаде дека во руските републики Ингушија, Дагестан и Чеченија, секојдневно умираат невини луѓе.

Кои се бунтовниците, кои локалното население ги опишува како „борци“ - никој не знае. Мотивите се различни. Едни се членови на група исламистички екстремисти, други се борат за независност на Кавказот, а има и трети кои извршуваат крвави напади врз државните безбедносни сили. Тие ја обвинуваат државата дека под превезот на борбата против тероризмот, апси и убива невини луѓе.

Болницата во Назран го повика населението да дарува крв. Резервите нема да бидат доволни за да им се помогне на сите настрадани. „Имаме се` останато, завои и лекови. Соодветно ги сместивме и повредените. Оние со најтешки повредни се во одделението за интензивна нега“, изјави едно медицинско лице.

Толку крвав напад, колку денешниов, немало со години во Ингушија. Спиралата на насилството во Кавказ, каде властите во моментов повторно спроведуваат голема анти-терористичка акција, секој ден се врти се` побрзо.

Автор: Кристина Нагел / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска