1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици жртви во експлозија на фабрика во Тексас

Б. Георгиевски/ап/афп18 април 2013

Огромна експлозија во фабрика за ѓубрива во американската сојузна држава Тексас, однесе десетици животи, а стотици луѓе се повредени. Освен фабриката, уништени се и голем број околни домови.

https://p.dw.com/p/18IOE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Експлозија од огромни размери ја срамни со земја фабриката за ѓубрива во гратчето Вако во Тексас, а уништени се и голем број околни куќи и згради, меѓу нив и едно училиште. Американските медиуми се‘ уште не лицитираат со бројот на жртвите и повредените, но сомневањата се дека се работи за огромен број. Агенцијата АФП, повикувајќи се на локални извори јавува за најмалку 60 мртви и стотици повредени.

Во фабриката прво избувнал пожар, по кој се случила и катастрофалната експлозија. Пожарникарите кои пристигнале на местото на несреќата се сметаа за исчезнати. Очевидци и луѓе кои живеат во околина на фабриката говорат за огромна експлозија, од која била уништени и поголемиот дел од објектите во близина на фабриката.

„Јас живеам околу 300 метри од фабриката. Експлозијата ја разнесе мојата влезна врата и сите прозорци. Куќите во непосредна близина на фабриката се срамнети со земја“, изјави еден локален жител за АФП.

Локалните власти се‘ уште не го знаат бројот на жртвите. „Имаме потврден број на жртви, но тој не е конечен. Може да се зголеми секоја минута. Се‘ уште ја пребаруваме околината и утврдуваме дали е безбедно“, изјави портпаролот на тексашката служба за јавна безбедност.

По првичниот пожар во фабриката и експлозијата која следувала, пожарот се проширил и во околината, со што работата на спасувачките служби е дополнително отежната. Властите стравуваат и од можна нова експлозија на уште еден од фабричките силоси.

USA Explosion in Düngemittelfabrik
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Портпарол соопшти дека најмалку 50 до 75 домови се оштетени во експлозијата и од пожарот, а околна зграда со 50-ина апартмани била срамнета со земја.

Засега нема информации за тоа што ги предизвикало пожарот и експлозијата, но властите првично исклучуваат можна саботажа или терористички напад.