1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици загинати во судири меѓу египетската полиција и исламистите

Александар Методијев/ројтерс/дпа/дв27 јули 2013

Најмалку 70 лица се убиени рано утрово во Каиро, откако египетските безбедносни сили ги нападнаа поддржувачите на соборениот претседател Мохамед Мурси, информираше портпаролот на Муслиманското братство Гехад Ел-Хадад.

https://p.dw.com/p/19F5y
Фотографија: Reuters

Телевизиската станица Ал Џазира, пак, информираше за 120 загинати и околу 4.500 повредени во утринското насилство. Новинските агенции и телевизиите информираат за различен број на загинати. Исламистичката група на својот вебсајт информираше дека бројот на повредени изнесува 1.500.

Судирот меѓу исламистите и полицијата се случил на североистокот од Каиро, каде приврзаниците на Мурси протестираат четири недели. Полицијата употребила солзавец за да ги растера демонстрантите, кои го блокирале главниот пат во тој дел од градот. Притоа се слушнало и пукање од непознат правез во областа на демонстрациите.

Судирот меѓу египетската полиција и приврзаниците на Мурси се случи еден ден откако милиони Египќани излегоа на улиците како одговор на повикот од страна на армискиот шеф Абдел-Фатах ал-Сиси луѓето да покажат дека не го поддржуваат Мурси и да и’ дадат мандат на војската да се справи со „насилството и тероризмот“. Муслиманското братство и неговите исламистички приврзаници одговорија дека ваквиот повик е „објавување на граѓанска војна“.

Ägypten 27.07.2013 Mursi Anhänger Verletzungen Opfer Gewalt
Медиумите јавуваат за различен број на повредени и загинати во судирот меѓу полицијата и демонстрантите, кој се случи рано утровоФотографија: picture-alliance/dpa

Мурси, првиот демократски избран претседател на Египет, беше соборен од власт на трети јули и оттогаш во земјата се случуваат демонстрации, кои однесоа бројни човечки животи. Критичарите на Мурси велат дека тој повеќе бил фокусиран на зајакнување на моќта на Муслиманското братство, отколку што работел на решавање на влошената економија и справување со криминалот. Паралелно со одржувањето на протестите за изразување поддршка на Мурси, во Каиро, односно на плоштадот Таксим, се одржуваа протести на неговите противници, кои таму дојдоа по повикот на војската за изразување поддршка на „војната против тероризмот“.