1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици мртви во етнички судири во Кина

БГ/афп/дпа24 април 2013

Во кинескиот регион Синџианг повторно избувнаа судири меѓу припадници на ујгурското малцинство и полицијата. Провладините медиуми ги обвинуваат припадниците на малцинството за тероризам.

https://p.dw.com/p/18Ljj
Фотографија: AP

Најмалку 21 лице ги загубија животите во судирите меѓу полицијата и демонстрантите во западната кинеска провинција Синџианг.

„Имаме вкупно 21 жртви, меѓу нив и социјални работници и полицајци“, изјави претставник на локалните власти за агенцијата АФП.

Судирите избувнале во округот Бачу, во западниот дел на провинцијата, откако полицијата извршила претрес во домовите на локални жители осомничени за киднапирање на тројца социјални работници, соопшти владиниот интернет портал Тианшан Нет. Во извештајот, инцидентот се опишува како „насилен терористички инцидент“. Во него се вели дека 15 од жртвите биле полицајци и социјални работници, од нив 11 биле припадници на ујгурското малцинство, кое претежно живее во таа провинција. Уште шестмина други „членови на бандата“ биле убиени во судирите, се наведува во извештајот, но не се наведува нивниот идентитет. Социјалните работници кои биле земени како заложници од напаѓачите, ги загубиле животите во полициската акција.

Во изминативе години, кинеските медиуми јавија за повеќе случаи на меѓуетнички судири и терористички напади во провинцијата Синџианг, каде дел од припадниците на ујгурското малцинство се борат за независност од Кина. Ујгурите, кои се жалат на дискриминација од страна на државата, сочинуваат околу 40 проценти од 20-милионското население на провинцијата која се граничи со Пакистан, Авганистан, Казахстан, Киргистан и Монголија.