1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици повредени во демонстрации во Романија

16 јануари 2012

Жестоки судири на полицијата во Букурешт со демонстранти и хулигани, кои протестираат против лошата економска состојба. Владиниот кабинет одржа синоќа вонредна седница поради насилните демонстрации.

https://p.dw.com/p/13k9T
Протести во РоманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Околу 30 лица се повредени синоќа во Букурешт за време на протестите против владините мерки за штедење, кои преминаа во судири, изјавија медицински претставници. Владиниот кабинет одржа синоќа вонредна седница поради насилните демонстрации, кои не покажуваат знаци дека ќе стивнат. Околу илјада лица се собраа вчера попладне на Универзитетскиот плоштад во Букурешт, барајќи оставка од претседателот Трајан Басеску, кого го обвинија дека е главната причина за сериозното влошување на животниот стандард во Романија. Во текот на вечерните часови стотина млади лица, од кои повеќето со качулки, почнаа да фрлаат камења и петарди кон полицијата, со што го повторија „сценариото“ од претходниот ден. Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите, кои блокираа еден од главните булевари во Букурешт.

Во саботата педесетина лица беа приведени поради учество во насилен протест, во кој беа ранети десет лица, меѓу кои и четворица полицајци и еден телевизиски работник.

Демонстрации вчера беа организирани во десетина големи градови во Романија.

Премиерот Емил Бок од Демократско-либералната партија упати повик за дијалог, нагласувајќи дека фрлањето на камења не е решение. На прашањето за евентуалната оставка Бок напомена дека Парламентот е тој што треба да реши за судбината на Владата.

На крајот на годината во Романија треба да бидат одржани редовни парламентарни избори.

Автор: БГ/ АТ/ миа

Редактор: Ж. Ацеска