1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици повредени во судирите на Косово

15 јануари 2012

На протестот во организиција на опозиционото движење „Самоопределување“ вчера дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата кај граничниот премин Мердаре, од Косово кон Србија. Има повредени на двете страни.

https://p.dw.com/p/13ju0
„Блиска средба“ меѓу демонстрантите и полицијатаФотографија: AP

Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера приврзениците на „Самоопределување“ кои одбиваа да се тргнат од патот.

Триесет косовски полицајци се ранети во вчерашните судири со приврзаниците на косовското движење „Самоопределување“, кои сакаа да го блокираат граничниот премин Мердаре кон централна Србија, со цел да не дозволат влез на камиони, кои превезуваат српски стоки во Косово. Во судирите се повредени и околу педесет демонстранти.

Напад врз полициските сили

Специјалните сили на косовската полиција беа принудени да интервенираат, откако демонстрантите ги нападнаа со камења и метални предмети, се наведува во соопштението на косовската полиција.

Ausschreitungen im Kosovo Podujevo
Фотографија: AP

По судирите, кои траеле околу три часа, полицијата успеала да го ослободи патот и да воспостави ред, при што им овозможила на првите камиони од Србија да влезат на косовска територија со полициска придружба.

Судирите меѓу косовската полиција и демонстрантите избија на патот Подуево-Мердаре, каде приврзаниците на „Самоопределување“ беа запрени од кордон на специјалните полициски сили, опремен за разбивање на демонстрации, не дозволувајќи им натамошно движење. Неколку стотици припадници на „Самоопределување“ и на косовските полициски служби се судрија, откако полицијата ги предупреди демонстрантите да си заминат. Тие тоа го одбиле и се обиделе да го пробијат полицискиот кордон и да се упатат кон преминот Мердаре.

Ausschreitungen im Kosovo Podujevo
Косовската полиција употреби солзавец и водени топовиФотографија: AP

Курти не е меѓу уапсените

Полицијата соопшти дека се приведени и неколку пратеници во косовското собрание, но тие се пуштени на слобода откако дале изјави. Портпаролот на полицијата Баки Кељани демантираше дека меѓу уапсените е и лидерот на „Самоопределување“ Албин Курти.

Против блокадите на граничните премини кон Србија, Мердаре и Бела земја претходно се изјаснија највисоките официјални претставници на Косово, меѓу кои и премиерот Хашим Тачи, претставниците на меѓународната заедница, како и опозициските партии.

„Самоопределување“, кое е претставено во косовскиот парламент, се залага за обединување на Косово со соседна Албанија.

Косовските власти претходно вчера соопштија дека забраниле влез во Косово на неколку автобуси од Албанија, кои превезувале Албанци, кои сакале да се приклучат кон косовските демонстранти.

Автор: ЖА/миа/бета/дв

Редактор: Александра Трајковска