1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетмина европратеници бараат датум за Македонија

13 јуни 2010

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија Зоран Талер и уште деветмина европратеници во писмо до првите луѓе на ЕУ, го повикаа Брисел да започне пристапни преговори со Македонија „без натамошни одложувања“.

https://p.dw.com/p/Npge
Фотографија: Petr Stojanovski

Десетмината пратеници предупредија дека повторното одложување на одлуката за почеток на преговори ќе ја загрози стабилноста на Балканот и ќе ја поткопа веродостојноста на Европската унија и ја повикаа Грција да одговори на повикот во духот на солидарноста. Македонија лани во декември поради противење од Грција и покрај позитивната препорака од Европската комисија не доби датум за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ, но доби ветување дека унијата ќе се наврати на тоа прашање за време на шпанското претседавање.

Утре во Луксембург се одржува последниот состанок на министрите за надворешни работи под шпанско претседавање, но споменувањето на Македонија воопшто не е предвидено на дневниот ред.

Европратениците се убедени дека претпристапните преговори со Македонија ќе ја зајакнат меѓународната трговија, довербата на инвеститорите и ќе донесат благосостојба не само за земјата кандидат, туку и за нејзините соседи.

Одлука за мирот и стабилноста на Балканот

Одлуката, како што се наведува, „ќе ги зајакне мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, како и на целата Европска унија, а и Грција, која се спротивставува на тоа, поради нерешеното прашање за името ќе ја зајакне својата улога во регионот.

Европските пратеници изразија уверување дека владата во Атина ова писмо ќе го разбере, како силна иницијатива, на јунскиот самит да одговори на повикот во духот на солидарноста.

Zoran Taler
Европратеникот Зоран ТалерФотографија: Petr Stojanovski

„Во време на настојувања против билатералните блокади во европскиот интеграциски процес и во време на изразување на голема солидарност во финансиската криза, тоа и се очекува“, нагласија европратениците во писмото.

Македонија чека на почеток на преговори за полноправно членство од декември 2005 година, кога доби статус на кандидат за членство во Европската унија.

Автор: БГ/ЖА/макфакс

Редактор: Жана Ацеска