1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десет години затвор за Санадер

Б. Георгиевски/бета/хина20 ноември 2012

Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер денеска е осуден на единствена казна од 10 години затвор поради воено профитерство и примање мито.

https://p.dw.com/p/16m8v
Фотографија: AP

„Прогласен сте за виновен за двете кривични дела кои Ви беа ставени на товар“, ја цитираше пресудата судијата Иван Турудиќ.

Во процесот во Жупанискиот суд во Загреб, Санадер е осуден на три и пол години затвор за случајот со Хипо банка и седум години затвор за случајот МОЛ, а на државата ќе треба да и‘ врати пет милиони евра.

Обвинителството во завршните зборови минатата недела бараше максимална казна од 15 години затвор, додека одбраната бараше слобода.

Државното обвинителство на Хрватска го обвини Санадер за воено профитерство, односно дека земал 480 илјади евра провизија за кредит кој Хрватска го добила од Хипо банката, додека тој бил заменик-министер за надворешни работи кон средината на 1990-те години.

Во обединетата постапка му се судеше и за земање на 10 милиони евра мито од директорот на МОЛ за да и‘ ги препушти на таа унгарска нафтена компанија управувачките права во хрватската ИНА.

Некогаш најмоќниот политичар во Хрватска е единствена личност од висок ранг во земјата и во поширокиот регион која е осудена за воено профитерство.

Поранешниот хрватски премиер е обвинет за корупција и во уште неколку други случаи. Во тек е судење за случајот Фини-медија во кој му се суди заради извлекување пари и раководење со црн фонд во неговата партија ХДЗ, преку државни фирми и компании.