1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Детските градинки пред реформи, вработените во неизвесност

Милчо Јованоски14 јули 2012

Во Македонија на повидок се измени во Законот за заштита на децата. Следи формирање на Центар за ран детски развој , лиценцирање на кадарот во градинките и електронско досие за децата. Стигнуваат првите реакции.

https://p.dw.com/p/15XjE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бранот измени во образованието во Македонија се насочува и кон предучилишните установи – градинките. Деновиве министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски ги образлложи и тие не се само козметика, туку суштински во практиката би ја измениле работата на градинките. Една од позначајните новини е процесот на лиценцирање на целокупниот стручен кадар во градинките, што треба да почне до крајот на годинава, а ќе се спроведува преку полагање испити.

„Неопходно е, стручниот кадар да се усогласи со новото време, поинаку се воспитуваше и згрижуваше дете пред триесеттина години, а сосема се други околностите сега. Испит е предвиден и за оние кои сакаат да бидат директори”, рече министерот Ристовски.

„Исто така ќе биде воведено и електронско досие за секое дете во кое ќе биде содржан целиот индивидулен план за работа врз основа на потенцијалите на детето. Секој ден ќе се бележат достигнувањата и потешкотиите со кои детето се соочило, а родителите за тоа ќе бидат известени на крајот на работната недела”, рече Ристовски.

Најавените измени внесоа немир и неизвесност во градинките

Измените во Законот за заштита на децата сигурно ќе го зголемат квалитетот на работата на детските градинки. Сепак, за да заживеат во практика, претходно треба да се исполнат одредени услови смета Марина Петроска – Тодороска, директор на установата „ Јасна Ристеска“ од Охрид: „Ја поздравувам идејата за електронска евиденција, со доказ ќе имаме целосна контрола за флуктуацијата на децата и кадарот. Сега со одреден број родители имаме недоразбирања, кога треба да платат не‘ уверуваат дека детето престојувало помалку денови во градинка, отколку што сме го задолжиле да плати. Во трка со времето некои родители сами ги пуштаат децата кај нас, без директно да ги предадат на воспитувачките и негователките, што е многу опасно.“

Mazedonien Porträt - Marina Petroska Todoroska
Марина Петроска ТодороскаФотографија: DW

Но се нижат прашањата за набавката, монтажата и одржувањето на системите во над педесетте установи и двојно повеќе градинки низ Македонија. Бројот на децата често е променлив, а ќе треба да се работи и врз создавањето навика кај родителите. Воведувањето електронско досие внесува многу недоумици кај воспитувачите. Тоа ќе значи компјутер за секој воспитувач, негова обука која нема да оди лесно со лицата кои се блиску до пензија, а не се малку. Проблеми би имало во динамиката со која би се внесувале податоците и терминологијата која што ќе се употребува. Најголема прашина ќе крене лиценцирањето на вработените во градинките. Тодороска вели: „ Ден по изјавата на министерот во нашата јавна установа веќе реагираше повозрасниот кадар. Лиценцирањето ќе треба добро да се осмисли-колку ќе важи лиценацата, кој ќе не‘ тестира и кој ќе го врши идниот надзор и оценка“.

Да се почитува и практиката, а не судбината да се крои во кабинетите

Воспитувачата Розе Костоска е конкретна:

„Родителите ќе сакаат да го прочитаат она што сакаат да го видат кај своето дете. Тогаш како воспитувачи ќе се најдеме во тешка ситуација и ќе бидеме обележани на некој начин, кога ќе го соопштиме на пример спротивното. Идејата за досие е добра, но со елктронско досие нашата работа ќе се сведе само на евидентирање, а на толкав голем број деца тоа ќе биде тешко. Ќе се прават шаблони со стручни оценки или?!

Mazedonien Porträt - Roze Kostoska
Розе КостоскаФотографија: DW

Костоска посочува уште е ден суштински момент од практиката:

„Секое дете се развива на различен начин. Во почетокот има мала стагнација, а потоа може да е генијалец. Така некои наши оценки можат да личат на крајна несериозност. Има и деца кои во градинката се мали Ајнштајни, а подоцна под влијание на други фактори фаќаат друг пат. Апелирам сериозно да се осмисли овој процес“. Случајно или намерно министерот ги соопшти измените на законот среде одмори. Вработените во градинките низ Македонија ќе го чекаат септември и преку активот на директори и синдикатот партнерски ќе побараат средба со министерот за да добијат дополнителни информации поврзани со измените. Тогаш ќе реагираат за промените кои се носат преку ноќ и за нив не се прашуваат практичарите. Со иднината на децата и вработените се одлучува во владините кабинети, велат тие.