1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дејвис: смиреност наместо кавги

Тони Гламчевски 16 април 2008

Генералниот секретар на Советот на Европа, Тери Дејвис побара од политичките партии и политичарите на Македонија да се однесуваат смирено на претстојните парламентарни избори и да се концентрираат на програмите

https://p.dw.com/p/Dj0Q
Тери ДејвисФотографија: AP

„Мојата порака е иста како и до сите други земји. Бидете смирени и не се навредувајте на личен план. Во светот на политиката, исто како и во фудбалот потребно е да се удира во топката, а не во играчот.“ – им порачува сликовито Генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис, на политичарите и политичките партии од Македонија.

Според Дејвис, не треба да се вршат лични напади.

„Не велам дека не треба да има несогласувања или караници, тоа е евидентно. Секој има изградени позиции, единственото место каде не постојат несогласувања се гробиштата. Сигурно дека ќе има несогласувања кога има изградени позиции за патот по кој една земја треба да се движи. Но проблемите се појавуваат кога се појавува насилството и се дозволуваат лични навреди. Тоа се има случено и во другите земји членки на СЕ и во светот. Тоа е мојата порака.“

Генералниот секратар на СЕ побара политичарите да се концентрираат на конкретни теми и прашања, а не врз личностите. Тоа според него не важи само за Македонија, туку за цела Европа и за сите демократии. Многу е лесно да се нападне противникот. Избирачите се тие кои треба да бидат внимателни и да водат сметка за однесувањето на политичарите.

Загриженост за Балкан

Генералниот секретар на Советот на Европа во таа прилика изрази и загриженост за актуелната ситуација на Балканот.

„Ние сме загрижени за ситуацијата на Балканот. Загрижени сме поради тешкотиите кои постојат меѓу земјите, но и внатре во некои од овие земји.“

Ова се однесува на ситуацијата по прогласувањето на независноста на Косово, која предизвика предвремени избори во Србија, исто како и грчкото вето за членството на Македонија во НАТО, што предизвика исто така предвремени избори. Овие одлуки според Дејвис не беа донесени со цел да биде дестабилизиран Балканот. Напротив.

„Никој ништо не направи за да го дестабилизира Балканот. Тоа не беше ни намерата при донесувањето на овие одлуки. Фактите се нешто друго, но намерата не беше да се дестабилизира.“ – рече Дејвис.