1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дивац: соработката со МОК е на највисоко ниво

Златко Калински 2 април 2012

Со свечена академија МОК ја одбележа 20-годишнината од формирањето. Високи функционери на ИОК, претставници на олимписките комитети на 20-тина земји од Европа допатуваа во Скопје. Меѓу гостите беше и Владе Дивац.

https://p.dw.com/p/14WG9
Фотографија: DW

Неодминливо, Владе Дивац деновиве беше во фокусот на збиднувањата. Големото кошаркарско име, сега во својство на претседател на Oлимпискиот комитет на Србија, и во Скопје беше соочен со славата, која ја носи со себе. Со препознатливата едноставност, скромност и непосредност зборува за Дојче веле: „Најнапред од срце го честитам јубилејот на МОК и на сите македонски спортисти им посакувам да ги заобиколат спортските повреди и еден ден да се најдат на Олимпијадата и да ја претставуваат Македонија. Што се однесува до соработката меѓу српскиот и македонскиот Oлимписки комитет, таа е на највисоко можно рамниште. Пред се’ тоа се наши спортски пријатели и ќе се трудиме и во иднина тоа така да остане“.

После повеќе од две децении Владе Дивац е одново во Скопје. Вакви се неговите сеќавања од гостувањата во Македонија, додека беше кошаркар: „Секогаш ми било мило да играм во Македонија. Игравме не само во Скопје, туку и во Велес. Играв тука и со репрезентацијата, и во дресот на Партизан и за мојата Слога. Тоа беа убави натпревари против Работнички и МЗТ Скопје. Луѓето во Македонија го сакаат спортот и тука се чувствувам убаво“.

Македонија изненади на ЕП во Литванија

Внимателно ги следи кошаркарските збиднувања. Вели, пријатно бил изненаден од резултатите на репрезентацијата на Македонија на последното Европско првенство во Литванија: „Искрено да кажам, тоа беше пријатно изненадување и за мене и за луѓето, кои ја следат кошарката. Но, начинот на кој репрезентацијата на Македонија играше, со срце, со желба да ги израдува своите навивачи, тоа им успеа. Јас им честитам од срце за таквиот настап“.

Basketball EM Spanien Mazedonien
Македонските кошаркари изворедно се бореа во ЛитванијаФотографија: dapd

Како Дивац гледа на моментот на европската кошарка. Има ли таа нормален подем? „Мислам дека европската кошарка е во благо опаѓање, поради одливот на таленти во НБА лигата. Но, ми е мило што поранешните републики од Југославија, а меѓу нив и Македонија, која учествуваше на Европското првенство, докажаа дека кошарката е спорт број еден на овие простори. Се надевам дека така и ќе остане“.

Полесно е да се биде спортист, одошто функционер

До скоро беше спортист. Сега е во сосема различна улога на претседател на Олимпискиот комитет на Србија: „Многу полесно е да се биде спортист, одошто некој на оваа страна на која сум јас сега. Веќе две и пол години сум претседател на Српскиот олимписки комитет. Досега сработивме многу. Олимпискиот комитет стана институција за врвен спорт, но и институција за спортистите“.

Jugoslavien zum fünften mal Weltmeister im Basketball
Дивац: Да се биде активен спортист е полесно отколку да се биде функционерФотографија: AP

Владе Дивац е носител на два сребрени медали од Олимписките игри во Сеул и во Атланта. Дали сега, како спортски функционер со иста возбуда го очекува блискиот почеток на Олимписките игри во Лондон: „Па јас сум возбуден, бидејќи ова се сто години од првото учество на Србија на Олимпијадите. Имаме шанса да го освоиме и 100-от медал. Имаме добар тим. Задоволство ми е што сум во Скопје и уште еднаш му честитам на Македонскиот олимписки комитет поради убавата традиција“.