1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Див запад во Марсеј - европскиот град на културата во 2013-та

Ј. Херцог/С. Дерхеге/З. Јордановски1 јануари 2013

Марсеј во 2013-та година ќе биде европски главен град на културата. Но, од таму помалку доаѓаат вести за културни манифестации, а многу повеќе за се’ пораширениот криминал.

https://p.dw.com/p/16ThV
Фотографија: DW/R. Bosen

Северниот дел на Марсеј, еден запуштен кварт. Полицијата е немоќна, а локалните политичари дури размислуваат за ангажман на војската. Овде владеат нарко-банди: тие контролираат цели станбени блокови, ги надгледуваат влезовите.

Само со придружба се осмелуваме да дојдеме овде. Овие улици се нешто како забранети зони - во нив вообичаено ги напаѓаат и телевизиските тимови. Нас не придружува некогашниот полицаец Жил Ташон, кој овде 20 години работел како иследник. Некој голем успех тој и колегите немале, но неколкумина дилери на дрога сепак уапсиле. Со тек на времето тој ги запознал нивните методи.

„Погледајте лево, овде е продажен пункт за дрога. Тука стои еден од оние што демнат и чекаат муштерии“, објаснува Жил Ташон, поранешен полицаец.

Демначите надгледуваат кои автомобили минуваат. Системот функционира како улична контрола - тие се надлежни да недозволат пристап на непожелни посетители и да ги предупредат своите колеги. Така спречуваат да бидат откриени дилерите.

Овде со тони се пласираат канабис и кокаин во вредност од милиони евра. Ривалски банди се борат за поголем плен. Тие постојано ангажираат нови младинци.

А, нив ги привлекуваат парите. Обичен демнач заработува 100 евра на ден, уличен дилер три до пет илјади евра месечно, а ако напредува во хиерархијата на бандата, доаѓа и до петцифрен износ. Тешко се наоѓа некој, кој е подготвен да зборува со новинари.

Bildergalerie Marseille europäische Kulturhauptstadt 2013 Graffiti
Во некои делови од градот не е безбедно за движењеФотографија: DW/R. Bosen

„Школото не ми одеше, но за среќа можам да дилам, инаку ќе се најдев во калта. Бизнисот функционира како во фирма, секој има свое место во хиерархијата. Јасно, заработуваме повеќе од ѕидар, кој станува рано, а навечер го боли грбот. Ние стануваме во десет и се врткаме овде до вечер. Јасно е и дека работата е опасна, но таков е животот“, објаснува еден анонимен дилер на дрога.

Тие го ризикуваат животот. Многумина веќе им паднаа в раце на противничките банди. Многумина стануваат жртви на крвави пресметки.

„Овде им оддаваат почит на убиените во престрелки“, вели поранешниот полицаец Жил Ташон.

Марсеј е познат како метропола на мафијата. Трговијата со дрога порано беше во рацете на само неколку цврсто организирани семејни кланови. Денес со тоа се занимаваат и стотици поединци. Тоа е можност брзо да се заработат пари. Во северниот дел на Марсеј секој втор млад човек е невработен, речиси секое трето семејство живее под границата на сиромаштија. За трговија со дрога стои на располагање масовен подмладок.

Младите речиси и не се соочуваат со полицијата, оти патролите не се осмелуваат ни да се приближат до одредени станбени блокови и само ги контролираат автомобилите што доаѓаат од таму, значи потенцијалните муштерии на дилерите. Бандите непречено растат, а жителите од тој дел на градот се препуштени сами на себе.

Frankreich Marseilles Kulturhauptstadt 2013 Les Milles
Во посиромашните делови од градот немоќни се и политичаритеФотографија: Christian Michel

„Навечер воопшто не излегуваме надвор. Штом ќе седнам в автомобил, се заклучувам. Цело време гледам наоколу, за да видам кој ме следи, кој би можел да ме набљудува додека пазарам во супермаркетот. Ова е пекол, првенствено за пензионери како мене. Веќе не се чувствуваме сигурни“, објаснува жителка на северниот дел на Марсеј.

Политичарите се беспомошни. Поранешниот конзервативен претседател Саркози го намали полициското присуство во северниот дел на Марсеј, а сегашната социјалистичка влада сака во Марсеј да упати повеќе од 200 дополнителни полицајци. Левичарската локална градоначалничка смета дека ни тоа не е доволно и сака во тој дел од градот да патролира војската.

„Јас само го кажувам она, што жителите не се осмелуваат. Тие се плашат, оти овде важи законот на молчењето. Се плашат да не им биде запален автомобилот, се плашат од закани или да не им бидат нападнати децата“, вели Самиа Гали, градоначалник на северниот дел на Марсеј.

Стравот не е неоснован, оти честопати полицијата мора по кратко време да ги пушти на слобода уапсените дилери, посебно ако се малолетни. Полицајците имаат впечаток дека судиите им го уништиваат сиот труд.

„Нашите судови конечно треба да изрекуваат построги казни против корисниците и дилерите на дроги“, вели поранешниот полицаец Ташон.

Победа на Марсеј против нарко-бандите не е на повидок.