1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДИК: Иванов и Фрчкоски во вториот круг

Александар Чомовски23 март 2009

Претседателските кандидат на ВМРО ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов и на СДСМ и НСДП, Љубомир Фрчкоски одат во вториот изборен круг, соопшти ДИК. Дали по првичниот позитивен впечаток, и вториот круг ќе помине во мирна атмосфера?

https://p.dw.com/p/HI3J
Ѓорѓе Иванов и Љубомир ФрчкоскиФотографија: picture-alliance/ dpa

Државната изборна комисија во Македонија, по речиси 95% преброени гласови соопшти дека претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ, Ѓорге Иванов освоил најмногу гласови на изборите, 343.374 (35,06%). Покрај Иванов, во вториот круг влегува и кандидатот на СДСМ и НСДП, Љубомир Фрчкоски со освоени 200.316 гласа (20,45%). Трет е кандидатот на Нова демократија Имер Селмани, а зад него се независниот кандидат Љубе Бошкоски, Агрон Буџаку од ДУИ, Нано Ружин од ЛДП и Мируше Хоџа од ДПА. Одѕивот на гласачите бил 56,44%. Претседателот на ДИК, Александар Новаковски оцени дека изборите минале во фер и демократска атмосфера. За сега до комисијата не пристигнал ниту еден приговор за текот на гласањето.

Се очекува мирен втор круг

Покрај ваквиот позитивен впечаток сепак има заддршка, дали во ваква атмосфера ќе се одржи и следниот изборен круг закажан за 5 април.

Mazedonien Wahlen 2009
Се очекува и вториот круг да измине во мирна атмосфераФотографија: AP

Поради фактот што вториот изборен круг ќе биде успешен само доколку на гласање излезат најмалку 40% од луѓето со право на глас, сега започнуваат политичките преговори и прегрупирања. Експертите предупредуваат дека партиите ќе мора да ги контролираат своите симпатизери во вториот круг за да се избегнат евентуални инцидентни.

Од невладиниот сектор очекуваат и во вториот круг гласањето да помине без инциденти. Невладината организација МОСТ соопшти дека првиот изборен круг поминал во мирна атмосфера и гласањето во најголем дел било во согласност со меѓународните стандарди. На изборниот ден, велат од МОСТ, не биле забележани никакви инциденти во и околу избирачките места, но се регистрирани одредени неправилности воспроведувањето на процедурата на гласање, како и случаи на семејно и групно гласање.

ДИК: избрани градоначалници во 32 општини

Државната изборна комисија соопшти дека на локалните избори во првиот круг се избрани градоначалници во 32 општини. Според партиски извори, најголемиот дел од нив ги освоила владеачката ВМРО ДПМНЕ. Во 45 општини ќе има втор круг на гласање. Меѓу нив е и градот Скопје. Во трката влегуваат кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Коце Трајановски и на СДСМ и НСДП, Тито Петковски.

Во албанскиот блок владеачката партија ДУИ, во првиот круг освои најмногу општини вклучувајќи ја и скопската Чаир, но сепак оваа партија не е супериорна во Тетово и Гостивар. Од ДПА објавија дека нивните кандидати се во блага предност во Тетово и во четирите други општини во Тетовско и сигурно се пласираат во вториот круг. Прадоксално е тоа што лидерот на Нова Демократија, Имер Селмани како претседателски кандидадат има значително повеќе гласови од албанските противкандидати, но оваа партија неможе да освои ниту една општина, вклучително и Сарај од каде што започна политичката кариера на Селмани.