1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дипломатска помош за Македонија“

16 ноември 2010

Терминот „македонски“ за именување на јазикот што се говори во Македонија повторно е впишан во регистарот на ОН. Министерот Антонио Милошоски оцени дека враќањето на терминот е дополнителна мотивација за иднина.

https://p.dw.com/p/QAfa
Министерот за надворешни работи на Македонија, Антонио МилошоскиФотографија: DW

Министерот за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски денеска (16.11.10) во Брисел за привременото бришење на терминот „македонски“ од табелите на ОН изјави:

„Факт е дека во последниве два-три дена дипломати на една земја членка на ОН се обидуваа на субверзивен начин да му наштетат на македонскиот национален идентитет и неовластено да извршат бришење на ’македонски’ во графата за нашата земја во личната карта на ОН. Но, тоа што успеавме да го вратиме овој термин во употреба со една координирана дипломатска и би рекол политичка акција, сметам дека претставува еден добар успех, бидејќи наспроти напорите на некои дипломати, прашањето за името, јазикот и нашиот идентитет, да го оспорат или во најмала рака да го девалвираат, со овој потег сметам дека македонскиот јазик добива дополнителна потврда во рамките во ОН, и сметам дека на некој начин можеме да им бидеме условно кажано и благодарни на некои националистички ориентирани дипломати кои свесно или несвесно ја помагаат промоцијата на македонските национални обележја во рамките на светската организација. И секое зло за добро и овојпат во рамките на ОН, сметам дека за македонскиот случај и македонскиот јазик победи правдата и сигурен сум дека ова ќе биде дополнителна мотивација да продолжиме да го браниме и промовираме нашиот национален и јазичен идентитет“, изјави Милошоски.

Македонската делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска учествува на конференција во ЕП организирана од Европската народна партија со наслов „Западниот Балкан во срцето на Европа“.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска