1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дипломците ја напуштаат Италија

Јоаким Едгерс/Зоран Јордановски23 јуни 2012

Според актуелните анкети, 75 проценти од италијанските студенти сакаат да одат во странство. На младите им недостасуваат работни места, кои во претпријатијата и јавните служби се пополнети со постари соработници.

https://p.dw.com/p/153PE
Фотографија: DW

Петнаесет милиони посетители на Венеција годишно гледаат како таа се бори против бавното пропаѓање. Морбидно е и во индустриската зона Маргера во копнениот дел на градот, која е пример за состојбата на италијанското стопанство. Овде во архитектонско биро работи 27-годишниот Масимо Трикес, еден од ретките дипломци кои по студиите воопшто најдоа работа, иако само за неколку недели и за само 500 евра.

„Во Венеција живеам во стан заедно со студенти и млади луѓе кои токму почнаа да работат. Тоа е класична ситуација за млади дипломци, каква што сега се среќава насекаде во поголемите градови во Италија“, вели Масимо Трикес, дипломец од 2010 година.

Но, не е дека државата и градот ништо не прават за младите дипломци. Во технолошкиот комплекс во Венеција тие можат да ги користат лабораториите за да креираат нови производи. Руџеро Канова студирал индустриски дизајн и не сакал вечно да чека за работно место, туку самиот си создаде работа. Негово дело е сад за готвење од специјални бакарни легури, за кој овој 29-годишник е убеден дека ќе се пробие и нему ќе му обезбеди иднина.

„Се надевам дека наскоро ќе можеме да го пласираме на пазарот. Мора да напишеме уште неколку барања и се надеваме дека потоа ќе можеме да правиме договори со можните производители. Се надеваме дека за една година нашиот производ ќе може да се најде на пазарот“, вели Канова.

Venedig Gondolier
Фотографија: DW

Студентите си заминуваат

За 24-годишната Франческа Сопракордеволе нема дилеми дека по студиите сака да ја напушти Венеција. Таа студира економија и е горда што самата си го финансира студирањето. А потоа - каде и што сака да работи Сопракордеволе?

„Би можела да одам во странство. Би ми се допаѓало да најдам работа во странство, на пример во областа на регионалниот развој или и во проект од областа на развојот“.

Според актуелните анкети, 75 проценти од италијанските студенти сакаат да одат во странство. Поради тоа Франческа посетува курсеви по англиски јазик.

На овој семинар се зборува за монетарната политика. Конечно, Италијанец е претседател на Европската централна банка. На младите не им недостасуваат примери за углед, туку работни места, кои во претпријатијата и јавните служби се пополнети со постари соработници.

Venedig Markuskirche
Фотографија: DW

Одете во Германија!

Оваа средба на стопанството и универзитетот е обид идните високошколски стручњаци да се задржат во регионот. Но, се чини дека дури и директорот на Трговската комора на Венеција нема идеи. Што треба да направат студентите за да најдат работа?

„Мораат да учат германски, а тоа во моментов не го прават. Во Германија има многу можности за работа и многу интересни претпријатија. Потоа тие млади луѓе можат да се вратат со добро искуство“, убеден е директорот на Трговската комора на Венеција Џан Анџело Белати.

Но, како што? Како туристи? Во регионот на Венеција веројатно ни како повратници не ќе можат да најдат работа - освен во туризмот.