1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дискотеките наполнија 50

22 октомври 2009

Каде била отворена првата дискотека? Во малиот германски град Ахен и тоа пред педесет години. Повеќето дискотеки деновиве го прославуваат својот педесетти роденден. А се` почна вака....

https://p.dw.com/p/KCJj
Фотографија: Picture-Alliance /dpa

Во 1959 година сопственикот на барот „Скоч клаб“ дошол на идеја да ги симне од репертоарот сите бендови кои настапувале во живо во неговиот клуб и на нивно место да го ангажира Клаус Квирини, чија задача било да ги забавува гостите со пуштање музика од грамoфонски плочи.

„Таа вечер првпат се напив виски во животот, имав 19 години и според тогашниот закон, се` уште не бев полнолетен. Застанав пред грамофонот и вака ја најавив првата песна: дами и господа, засукајте ги ногавиците. Следи песната ’Ќе дојде бродот’ во изведба на Лале Андерсон!“

Од рок до диско-музика

Tanzfläche einer Discothek
Со танц поблиску едни до другиФотографија: AP

Клаус Квирини го скрши мразот и стана првиот диџеј во светот, познат под прекарот диџеј Ханјрих. Успехот што тој го постигна во Ахен брзо се расчу и прошири и во другите делови од земјата, но и во другите краеви од светот. Во шеесетите години, многу сопственици на барови и кафулиња почнаа да вработуваат диџеи, а дискотеките стануваа се` попопуларни меѓу младите луѓе. Тие се забавуваа на рок-музиката од омилените бендови, како Битлси или Ролинг Стоунс. Во седумдесетите години дискотеките почнуваат да се дополнуваат со визуелни елементи, оттогаш диско-куглата осветлена во различни бои е неизбежен елемент од секоја дискотека, а почнува да се менува и музичкиот правец. Рок музiката му го отстапува местото на диско-правецот, а на подиумите се танцува на музиката од стилот на Бони М. Дискотеките се претвораат во оаза за склопување љубовни контакти меѓу младите.

„Овде можеме полесно да им пријдеме на девојките што ни‘ се допаѓаат. Преку музика и танцување, без обврски“, вели едно момче.

Денес има за секого по нешто

Kalenderblatt Studio54
Студио 54 во ЊујоркФотографија: AP

Најпозната дискотека во светот во седумесетите години станува Студио 54 во Њујорк, симбол на легендарните забави на американскиот и светскиот џет-сет, место на срамни испади на славните личности, проследени со прекумерно консумирање алкохол и дроги. Осумдесетите години се години кога дискотеките ширум светот беа преплавени со музика од германски бендови и изведувачи, како на пример Модерн Токинг, Нена и Скорпионс.

И додека во деведесетите години во дискотеките најмногу доминираше техно-музиката, денес може да се најде по нешто за сечиј вкус. Денешните дискотеки најчесто располагаат со повеќе подиуми, каде се пушта музика од различни музички правци.

Во изминативе педесет години во дискотеките се менуваа музичките правци и диџеи, но нивната цел и натаму останува иста:

„Танцувајќи му се приближуваме на некое момче што ни‘ се допаѓа, стапуваме во контакт со него и го покануваме на пијачка“, велат девојките.

„Што да кажам, еве добив еден куп телефонски броеви“, се фали еден посетител.

Што се однесува до балканските простори, првата дискотека е отворена во 1967 година во Белград и имаше малку контроверзно име - „Кај Лазе шеќерот.“

Автор: Селма Филиповиќ / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска