1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалог за „будење“ на реформите во Македонија

16 март 2012

Впечатокот дека новиот дијалог едноставно треба да ја заобиколи грчката блокада околу пристапните преговори на Македонија кон ЕУ, не е неоснован, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

https://p.dw.com/p/14LiO
Фотографија: Fotolia

„Вчера во Скопје започна ’дијалог на високо ниво’ меѓу македонскиот премиер Никола Груевски и еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Со него треба да се придвижи интегративниот процес на Македонија, блокиран од страна на Атина и да се даде поттик на застојаните реформи. Уште на првите средби се   отвораат тешките поглавја владеење на правото и слобода на медиумите. Во двете области земјата бележи назадување.

Вицепремиерката Теута Арифи истакна дека дијалогот не може да ги замени преговорите, но ќе ги скрати.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе го цитираат во македонските весници со изјавата дека преку дијалогот сака повторно да и‘ ја приближи на земјата ЕУ-агендата како сила за промени. Од круговите на службениците околу Филе се искажува надеж да се врати повторно влијанието врз македонската политика, изгубено поради блокираниот процес на интеграција“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Весникот потсетува на фактот што Македонија уште од 2005-та година е кандидат за член во ЕУ, но Атина се противи на приемот поради спорот околу името...

„Впечатокот, дека новиот дијалог едноставно треба да ја заобиколи грчката блокада околу пристапните преговори, не е неоснован. Чекорот се чини се оправдува преку пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кој во декември реши дека ветото на Атина е во спротивност со Спогодбата склучена меѓу двете држави во 1995-та година. Со неа Македонија се откажа од било какви иредентистички планови, а Атина се обврза да не го спречува соседот при интеграцијата под привременото име ПЈРМ во меѓународните организации. Атинското ’не’ за прием на земјата во НАТО е прекршување на Спогодбата.

Но, дијалогот не е важен само надворешнополитички, туку пред се‘ внатрешнополитички. Повеќегодишното откачување од локомотивата на пристапниот воз кон ЕУ водеше до арогантна и понекогаш аутистичка политика на владејачката национално-конзервативна партија ВМРО ДПМНЕ. Охридскиот договор од 2001-ва година, кој одреди поголемо учество на Албанците во државниот апарат, премиерот Никола Груевски не го смета за инструмент за јакнење на институционалниот легитимитет, туку за некомфорна регулација на квотите на малцинството. Меѓуетничките инциденти од последните недели имаат врска и со ваквиот став“, заклучува „Ноје цирхер цајтунг“.

Symbolbild deutsche Presseschau Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa

Косовската влада пред нов испит

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ пак, за односите меѓу Србија и Косово констатира дека повторно се на проба. Одлуката на српската влада локалните избори на 6-ти мај да бидат одржани и во некои делови од Косово, доведоа до протести на официјална Приштина.

„Во едно соопштение одлуката на Белград се оценува како антиевропска и продолжение на политиката водена минатиот век. Од агол на Белград, Косово отсекогаш било српско, така што уставот предвидува одржување избори на целата територија на државата, значи и во оние косовски општини каде беа одржани пред четири години.

Српската влада долго ја пролонгираше непријатната одлука, не сакаше да го ризикува добивањето кандидатски статус за ЕУ, кој Брисел го условуваше со подобрување на односите со Косово. Покрај локалните, во Србија на 6-ти мај ќе има и парламентарни избори. Тоа од претседателот Борис Тадиќ очигледно бара мало излегување во пресрет на националистичката опозиција и изразување на определувањето за косовска припадност кон Србија. Дали најавата од Белград навистина и ќе значи одржување избори на Косово, останува отворено прашање. Правната ситуација е сложена. Според Резолуцијата 1244 на ОН, со која Косово е дел од Србија и на која постојано укажува српката влада, за избори е неопходна одлука на УНМИК. Дали пак привремената управа е подготвена за таква одлука, е прашање“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Погрешен сигнал на авганистанскиот претседател

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи побара повлекување на трупите на НАТО од земјата порано од планираното. Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ коментира:

„Можеше да се очекува дека  инцидентите од минатите недели ќе ја зголемат напнатоста во Авганистан, по палењето на Коранот и подоцна масакрот кој го изврши американски војник. Залагањето на Карзаи Авганистан порано од планираното да ја преземе одговорноста за безбедноста затоа може да се смета за внатрешнополитички маневар. Тој на таков начин праќа сигнал кон деловите од општеството кои странските војници веќе не ги гледаат како ослободители и помагачи, туку како окупатори и порачува дека е на нивна страна “, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Автор: „Ноје цирхер цајтунг“, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски