1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дијалози за Македонија“

16 септември 2008

На иницијатива на македонскиот претседател Бранко Црвенковски денеска во Скопје се оддржа шестата по ред трибина „Дијалози за Македонија“. Во дебатата и овојпат немаше претставници од македонската влада.

https://p.dw.com/p/FJGP
Претседателот на Македонија Бранко ЦрвенковскиФотографија: Petr Stojanovski

Политиката на актуелната македонска влада во однос на евроинтеграциите на земјата како и последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц за решавање на грчко-македонскиот спор околу името беа главните теми на денешната трибина „Дијалози за Македонија“ што се оддржа во Скопје.

Компромисот со Грција е неопходен за Македонија да не се доведе во самоизолација оцени претседателот Бранко Црвенковски на трибината и дополни „Можеме да констатираме поголемо разбирање за некои, не за сите, за некои од битните прашања за позицијата на Македонија. Наша задача е со аргументирани предлози да ги модифицираме овие идеи и предлози за да се дојде до взаемно прифатливо решение и фер компромис.“

Покрај спорот со Грција и најновите предлози на медијаторот Нимиц на разговорите во Њујорк, претседателот Црвенковски на трибината ја критикуваше и политиката на премиерот Никола Груевски, која според него „се крие за алибито дека спорот со името ги блокира евроинтеграциите на Македонија и притоа не се осврнува кон внатрешните и базични реформи кои се неопходни за европската интеграција на земјата.“

Главниот акцент на дебатата во Скопје сепак беше ставен врз политиката на самоодржливот на Македонија без ЕУ и НАТО и неопатриотизмот на премиерот Никола Груевски. Ѓунер Исмаил, аналитичар и член на Либерално демократската партија потсети и процени „Тоа што не му успеа на Георгиевски и неговата влада во којашто седеше и Груевски, а тоа е да ја подели Македонија, денес сосем добро го турка екипата во којашто духот на Георгиевски и сите што стоеја зад него се главна инспирација.“ истакна Исмаил.

Професорката Биљана Ванковска од друга страна спореше со фаталистичката теза на опозицијата дека без ЕУ и НАТО, Македонија нема да ја има „Всушност во еден таков по малку фаталистички дух ми се чини е дефинирана и оваа трибина-или имаме интеграција целосна во она што ние го посакуваме, односно мнозинството го посакува или имаме целосна изолација. Јас не сум убедена и не верувам во црно-бели варијанти“

Трибината „Дијалози за Македонија“ ја промовираше тезата дека Македонија можеби нема да се најде во излолација, но секако со оваа политика на премиерот Никола Груевски се наоѓа на периферијата на Балканот.